Фото: Игор Бансколиев

Македонскиот полициски синдикат, најостро го осудува вчерашниот настан, кога група дрвокрадци ја нападнале полициската патрола од пет полициски службеници кај селото Степанци, во општина Чашка, при што со полициските службеници се здобиле со повреди.

– Македонскиот полициски синдикат во континуитет работи и сериозно се залага за тоа да се документираат и да се профилираат сите напади врз полициските службеници при вршење на работните задачи и притоа да се идентификуваат евентуално системски недостатоци, во контекст на отстранување на недостатоци во системот на заштита на нашите колеги – се наведува во соопштението.

Од полицискиот синдикат велат дека трендот на напади врз полициски службеници само затоа што професионално си ги извршуваат работните обврски и задачи, спроведувајќи го законот, мора да запре.

– Стоиме цврсто на ставот дека секој напад врз полициски службеник, односно било какво девијантно однесување кон пред луѓето, кои секојдневно се грижат за безбедноста, редот и мирот во нашата држава, на индиректен начин претставува напад врз Република Северна Македонија – стои во соопштението.

Од синдикатот воедно ги повикуваат правосудните органи да започнат да ги процесуираат нападите врз полициските службеници во најбрз можен временски рок, а притоа паралелно да се заостри казнената политика, со цел елиминирање на појавата на напади врз полициски службеници.

Преку соопштението исто така се охрабруваат полициските службеници да ги пријават сите вербални или физички напади врз нив и да не потклекнуваат на било какви притисоци.