Регионалните медиуми деновиве излегоа со информации за приземјување на полициските беспилотни летала, наведувајќи дека три дрона на МВР се приземјени со одлука на поранешниот министер Оливер Спасовски, откако со реорганизацијата на безбедносно-разузнавачките служби и расформирањето на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), леталата потоа не биле префрлени во надлежност ниту на Бирото за јавната безбедност ниту во новата Агенцијата за национална безбедност (АНБ). За да ги провери ваквите тврдења, нашиот весник побара мислење од Министерството за внaтрешни работи, но вчера до затворањето на денешното издание на весникот не добиеме коментар и информација поврзана со актуелните случувања.

Од друга страна, поранешниот министер на МВР, Павле Трајанов, вели дека преку медиумите бил запознаен со случајот и со информациите поврзани со беспилотните летала со кои располагала македонската безбедност, и оценува дека опремата и техника од овој тип се навистина корисна алатка во работата на нашите безбедносните институции

Според Трајанов, надлежните со реформите треба да одлучат на кој начин во иднина ќе ги користат овие летала, бидејќи тие имаат навистина широк обем на употреба.
– Со новата реорганизација на безбедносно-разузнавачките служби дроновите еднакво можат да бидат користени и од униформираните припадници, но и од оние што се дел од службите. Имено, Агенцијата за национална безбедност овие летала може да ги користи во операции поврзани со следење и сузбивање паравоени структури или терористички организации, бидејќи ваквите летала покрај камерите можат да користат и оружје, кое може да се монтира на нив. Од друга страна, пак, униформираната полиција истите летала со сигурност може да ги исползува како добра алатка за мониторирање на границите, надгледување објекти што се од безбедносно значење, како касарни, тренинг-центри, електроцентрали и брани, и на тој начин може во секое време брзо и ефикасно да врши заштита на истите тие – вели Трајанов.

Во меѓувреме, белградскиот весник „Политика“ во своето последно издание на оваа тема информира дека властите на Македонија одлучиле по десетгодишно тајно дејствување да ја приземјат единицата за национална безбедност, во која оперираат израелски беспилотни летала од типот „хермес 450“, а сето било дел од процесот за спроведување на големата реформи во безбедносниот сектор.

Порталот „Балканска мрежа за безбедност“ пишува дека типот летала, со кои располага македонското МВР, биле многу респектабилни беспилотни модели на авиони, кои би можеле да развијат брзина од 300 километри во лет, а истовремено и да останат во воздухот до 20 часа, што е ресурс што им недостига на повеќето вооружени сили во регионот.

Порталот потсетува дека дроновите, освен во полициската работа биле користени и во операции како онаа со случувањата во кумановско Диво Насеље.
Новинската агенција „Бета“, пак, на темава додава дека беспилотните летала чекаат одлука за понатамошната судбина, а дел од вработените во оваа единица најверојатно наскоро ќе добија работа како техничари на хеликоптерите на македонското МВР.

[email protected]