Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали административните здравствени мерки гарантираат намалување на заканата од можен пописен ковид-кластер

И претходно граѓаните стравуваа дека попишувачите што дневно ќе посетуваат по десетина и повеќе домаќинства би можеле во некој момент да дојдат во контакт со некој асимптоматски случај на заразен со ковид-19 и така дополнително да го рашират вирусот, иако надлежните тврдат дека лицата што ќе попишуваат ќе носат соодветна заштитна опрема и ќе ги почитуваат безбедносните протоколи

Повторното враќање на полицискиот час поради зголемувањето на бројот на заразени со ковид-19, како и повторното зголемување на бројката на смртни случаи, дополнително ги засили стравувањата кај граѓаните за заштитата на нивното здравје во пресрет на пописот, кој од 1 април треба да почне да се спроведува со посета на теренските попишувачи на домовите.

Строго утврдени протоколи за пописот и здравствено-безбедносна заштита на највисоко ниво

И претходно граѓаните беа во дилема дека попишувачите што дневно ќе посетуваат по десетина и повеќе домаќинства би можеле во некој момент да дојдат во контакт со некој асимптоматски случај на заразен со ковид-19 и така дополнително да го рашират вирусот, иако надлежните тврдат дека лицата што ќе попишуваат ќе носат соодветна заштитна опрема и ќе ги почитуваат безбедносните протоколи.
Дополнителна дилема е што до крајот на март (не) се очекува да пристигне поголемо количество вакцини, а вакцинацијата на членовите на пописните тимови пред пописот би била огромна предност во смисла на заштита, што секако ќе придонесе за поголема заштита и на попишувачите, но и на граѓаните.

Премиерот Зоран Заев не гледа ништо спорно пописот да се одржи во предвидениот рок, без оглед што повторно е воведен полициски час, а и самиот најавува дека ако ситуацијата ескалира, би можело да дојде и до целосно затворање за време на викендите.
– Најлесно е да го одложите пописот, но прашањето е дали ќе го прифатите предизвикот да го спроведете. Знаете како, одложувавме избори и сѐ, но на крајот ги одложивме до јули. Јули не беа толку стабилни бројките. Барањето на опозицијата беше да одложиме за септември, октомври, ноември. Какви беа бројките тогаш? Така што, да учиме од тоа дека никој не знае што би било по една година. Кога можеме да ја завршиме работата, да ја завршиме денеска, да не ја одложуваме за утре – порача Заев.

Неколку опозициски партии ја повикаа власта да го одложи пописот

Од своја страна, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски упати писмо до странските амбасадори во земјава, во кое бара да извршат притисок врз власта за одложување на пописот за септември, а на локалните избори во ноември.
Од Државниот завод за статистика велат дека тие се подготвуваат за претстојниот попис според роковите утврдени во оперативниот план, односно за 1 април.
– Сè додека немаме поинакво законско решение, ние сме обврзани да ги почитуваме овие рокови – истакнуваат од ДЗС.

Од своја страна, неколку опозициски партии ја повикаа власта да го одложи пописот за наредната година.
– Во ситуација кога имаме една од најголемите смртности во регионот, имаме огромен број на заболени, по 300-400 дневно, кога се најавени и рестрикции, да се турка ваков процес насила е апсолутно недозволиво, затоа ние ќе направиме сè да го спречиме овој попис – најави Борис Крмов од партијата Левица.

Размислувања и ставови на интелектуалци

На пописот за време на пандемија и заострување на рестриктивните мерки реагира и универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски, кој смета дека е нејасно како може некој да бара од граѓаните да примаат дома непознати луѓе за време на здравствена криза.
– Дека станува збор за контрадикторности е повеќе од јасно, бидејќи не е јасно како може да се бара да примате непознати луѓе, па макар и овластени од државата, за време на пандемија. Сепак, кај секој човек нормално останува и страв или трепет дека можеби тој ќе донесе некаков вирус, или конкретно ковид-19, па сега им е одземено правото на граѓанинот и неговото семејство да се штитат од можните зарази – појаснува Цуцуловски.

На иста линија е и професорката Билјана Ванковска, која е категорична дека дома нема да прима попишувачи во услови на пандемија.
– Да се разбереме, јас дома попишувачи не примам! Ќе воведам мој полициски час, заради сопствена заштита – кога веќе државата не ме штити. Правам триста акробации, контактирам со луѓе преку граници да си најдам вакцина, бидејќи мојава (со Устав декларирана) социјална држава е во колапс – пишува Билјана Ванковска.