Фото: Маја Јаневска-Илиева

АЛЕГАЛИТЕТОТ ВО СВЕТЛО НА РЕФЕРЕНДУМОТ

Уште еднаш почитувањето на правото, т.е. амбициите за владеење на правната држава, како демократски принцип (и едно од клучните поглавја во преговорите за ЕУ), се наоѓа пред ново искушение и се прекршува низ призмата на политичко толкувањето на резултатите од референдумот

Според резултатите што ги објави Државната изборна комисија за исходот на референдумот, кој се одржа во неделата, на 30 септември, одзивот на граѓаните, кои требаше да се изјаснат по прашањето – дали се за влез во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција, изнесува 36,8 отсто, за 98,6 отсто обработени податоци од избирачките места. Од тие што гласале на референдумот, 91,4 отсто, односно 605.016 гласачи, ја заокружиле опцијата „за“ на гласачкото ливче, а „против“ се изјасниле 37.312 гласачи. Уште пред референдумскиот ден, од Државната изборна комисија се изјаснија дека нема да се впуштаат во оценување дали референдумот е успешен, туку само ќе ги соопштат резултатите и ќе информираат за текот на гласањето и евентуалните нарушувања на гласачкиот процес. Но затоа, веднаш по затворањето на гласачките места и објавувањето на првичните (неофицијални) резултати за одзивот на референдумот, поддржувачите на различните ставови во однос на референдумското прашање (пред сѐ оние што беа за бојкот и оние што беа „за“), не се воздржуваа да прогласат успех односно победа, ценејќи ги парцијално само оние правни одредби од Законот за референдум, кои одговараат на нивната опција. Опцијата „бојкотирам“, смета дека референдумот е неуспешен со самиот факт за неисполнување на цензусот, додека премиерот Зоран Заев, предводник на опцијата „за“, се води пред сѐ од резултатот на големото мнозинство што одговорило потврдно на референдумското прашање, иако не беше постигнат законски предвидениот цензус. Земајќи ја предвид само волјата на оние што се изјасниле на референдумот, а игнорирајќи ја како став одлуката на оние што не излегле (т.е. бојкотирале) на референдумот, Заев најави дека продолжува со имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Собранието. Неговиот следен предизвик е обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието, а во краен случај и организирање брзи предвремени избори. Во секој случај, релативизирајќи ја правната регулатива на Законот за референдум и други облици на граѓанско изјаснување, премиерот и лидер на СДСМ, изјави дека референдумот за него е успешен.

Сепак, претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, уште вечерта по соопштувањето на резултатите од референдумот, изјави дека не ги коментира изјавите на политичарите, но цитирајќи го законот, констатира дека не се исполнети условите да биде донесена одлука на референдумот. Но што всушност предвидува законот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Членот 30, став 1 во Законот за референдум вели дека одлуките на референдум се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани што гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број гласачи запишани во Избирачкиот список освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено. Што значи во согласност со овој член потребно е исполнување на двата кумулативни услови за да се донесе одлука на референдумот. Во овој случај по 86 отсто пребројани гласови, од трендот што го имаме на процентот на одзив јасно е дека еден од условите нема да биде исполнет, односно на референдумот не е донесена одлука – рече Дерковски.

Уште во текот на предреферендумската кампања, премиерот Заев, во правното толкување на гласовите што се бројат, го промовира терминот „видливи гласови“, кои ги прогласи за единствени релевантни, имплицирајќи на позицијата дека оние што нема да излезат да се изјаснат на референдумот – немаат став, или не се заинтересирани, па нема логика да се бројат.

– Денеска имаме успешен процес на референдум. Ако мнозинството видливи гласови беа против, секако ќе поднесев оставка, но кога имате мнозинство од повеќе од 90 проценти од граѓаните што излегле на гласање и одлучиле да одлучуваат, да влезат во носењето на одлуката, и донеле одлука, не само што немам намера да поднесам оставка, туку и имам обврска да продолжам Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ… Се надевам дека парламентот ќе се поклони на мнозинската одлука од повеќе од 600.000 гласачи од повеќе од 90 отсто од оние што излегле да гласаат и ќе ја испочитуваат одлуката докрај. Никој и никаде во светот во демократските земји не успеал да се спротивстави на мнозинската одлука на граѓаните – изјави Заев во второто обраќање на постреферендумската вечер, одговарајќи на новинарски прашања. Но која е всушност мнозинската одлука или волја на граѓаните. Дали 600.000 гласа може да се сметаат за повеќе од 1.200.000 граѓани колку што не излегле на гласање, но кои се евидентирани во единствениот избирачки список како официјален документ според кој се спроведува гласањето. Правните експерти се категорични дека секој граѓанин и гласач запишани во избирачкиот список се еднакво вредни и смее да се потценуваат или игнорираат. Воведувајќи нови, колоквијално-креативни правни термини, премиерот Заев на одреден начин се обидува да ја пренебрегне актуелната правна регулатива, уште од моментот на распишување на референдумот. Правниците сметаат дека на тој начин се излегува од правниот поредок, кој се релативизира со политика и со политикантство. А во однос на ставот кои гласови се сметаат за „видливи“, односно што сѐ треба да содржи извештајот на Државната изборна комисија, членот 55 од Законот за референдум и други облици на законско изјаснување е многу прецизен.
Членот 55

(1) Државната изборна комисија за резултатите од гласањето на референдумот на државно ниво изготвува извештај.

(2) Извештајот за резултатите од гласањето на референдумот содржи податоци за:
– вкупниот број на граѓани запишани во Избирачкиот список;
– вкупниот број на граѓани, кои гласале;
– вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња;
– вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња;
– вкупниот број на важечки гласачки ливчиња;
– вкупниот број на гласови „ЗА“;
– вкупниот број на гласови „ПРОТИВ“ и – резултатот од референдумот.
Уште еднаш почитувањето на правото, т.е. амбициите за владеење на правната држава, како демократски принцип (и едно од клучните поглавја во преговорите за ЕУ), се наоѓа пред ново искушение и се прекршува низ призмата на толкувањето на резултатите од референдумот.

Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Новаковски, вели дека ако референдумот беше одлучувачки, задолжителен, со постигнатиот одзив без постигнат цензус, немаше да биде полноважен, без оглед на резултатите. Но со оглед на тоа дека референдумот беше консултативен, Новаковски смета дека сега прашањето за одлука се враќа таму каде што и се отвори – во Собранието.

– Собранието има легитимно право да одлучи каков референдум ќе распише, и се одлучи за консултативен референдум, во согласност со Законот за референдум и други облици на граѓанско изјаснување. Со оглед на фактот дека се работи за консултативен референдум на државно ниво, одлуката од него сепак не е задолжителна за Собранието. Без разлика на исходот од референдумот и како граѓаните се изјасниле, Собранието е надлежно и има право да донесе своја одлука во однос на референдумското прашање. За да биде одлуката легитимна, потребно е двотретинско мнозинство во парламентот. Но за овој вид референдум, не е предвиден цензус. Ако референдумот беше одлучувачки, задолжителен, со постигнатиот одзив без постигнат цензус, немаше да биде полноважен, без оглед на резултатите. Затоа е предвидено по консултативен референдум и одлуките од него, Собранието да донесе одлука со двотретинско мнозинство и да пристапи кон уставни измени. Како што сѐ започна во Собранието така сега сѐ повторно се враќа таму – вели Александар Новаковски.
Од друга страна, професорот по меѓународно право и меѓународна трговска арбитража, Тони Дескоски, во својот статус на социјалните мрежи предупредува на новите стапици што се појавуваат во спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа и усвојувањето на уставните измени во Собранието, по фактот дека референдумот е неуспешен.

– Кристално јасно е и дека на референдумот немаше доволен број граѓани, кои би се изјасниле на поставеното прашање. Сега, кога имаме неуспешен референдум, чувствувам потреба да укажам на една одредба од преспанската спогодба, која во значителна мера може да влијае на идните постапки. Имено, во чл. 2 став 4, точка б, алинеја 2 (втора, трета и четврта реченица), изречно е пропишано дека поддршката на Грција за наше зачленување во НАТО е условено од исполнувањето на два кумулативни услови: прво, од исходот на референдумот (кој мора да е конзистентен со спогодбата) и второ, усвојувањето на уставните амандмани (четири на број). Тоа значи дека без исполнување на кој било од двата услови, Грција нема да има обврска да нѐ поддржи за членство во НАТО. Тоа пак значи дека дури и да ја ратификуваат преспанската спогодба во нивниот парламент, ние ќе бидеме во нивна милост или немилост, за тоа дали ќе нѐ пропуштат во НАТО. Грција секогаш ќе може да се повика на неуспешниот референдум, и совршено правно засновано да одбие да го ратификува протоколот за наше пристапување во НАТО. Тогаш, ниту Меѓународниот суд на правдата нема да пресуди за нас. Оттука, пред да се пристапи кон уставни измени, укажувам на опасноста со која се соочуваме, дури и ако амандманите бидат усвоени – пишува професорот на Правниот факултет при УКИМ, Тони Дескоски. И другите наши соговорници и правни експерти укажуваат дека без исполнет цензус референдумот во никој случај не може да се третира како успешен и со тоа практично завршува постапката и сосема небитно е колку од излезени гласачи се изјасниле „за“. Бројката од над 600.000 гласачи што се изјасниле „за“ паѓа во вода без постигнат цензус и референдумот е неуспешен, категорични се тие.