Пендаровски: Да им помагаме на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Курбан-бајрам, упати честитка до в.д. поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Македонија.

Во продолжение ја проследуваме честитката.

Имам особено задоволство и голема чест, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод празникот Курбан-бајрам.

Посакувам овој голем празник да ни донесе среќа, радост, љубов и бериќет, и како празник на дарувањето и на солидарноста да нè инспирира да им помагаме на сите оние на кои им е потребна материјална, но и духовна поткрепа. Милосрдието и човекољубието нека бидат дел од нашите животи не само за празничните денови, туку и низ целата година. Да продолжиме искрено и суштински да споделуваме со нашето семејство, со нашите пријатели и со целата заедница.

Денес кога целата човечка цивилизација е соочена со пандемијата со ковид-19 како никогаш досега мораме да покажеме заедништво и слога и сплотени да излеземе како победници. Верувам дека токму со силата на молитвата и со љубовта ќе ги надминеме сите предизвици со кои се соочуваме на личен и колективен план.

Во согласност со традициите на заемно почитување и уважување, да се грижиме и да помагаме безусловно на сите наши сограѓани не водејќи сметка за етничката, религиозната или идеолошката припадност. Да продолжиме да го градиме и да го чуваме нашиот заеднички дом, Република Северна Македонија.

Ви упатувам најискрени желби за добро здравје, радост и благосостојба“, се наведува во честитката на Пендаровски.


Ахмети: Честит Курбан бајрам, почитувајте ги мерките

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, им го честиташе на муслиманските верници за празникот Курбан-бајрам.

„Поздрав на овој благословен ден пријатели, со најискрени и најдобронамерни желби за здравје, среќа и спокојство во вашите семејства. Ние го прославуваме годинешниов празник Курбан кајрам во посебни услови по јавното здравство, затоа ве молам да се придржувате до препораките на здравствените и верските власти. Посакувам празникот да ве најде во добра здравствена состојба за сите вас и вашите семејства и да ви донесе просперитет и радост за вас, народот и земјата.

Да се ​​помолиме заедно за здравјето на сите погодени и за надминување на оваа тешка состојба што го промени нашиот начин на живот што е можно побрзо и полесно.

Радости и просперитет да имате засекогаш пријатели, многу честитки и поздрав до сите, пишува Ахмети во својата честитка по повод Курбан-бајрам.


Џафери: Прегратките и џагорот за Курбан-бајрам да ги замениме со позитивни мисли и одговорност

Претседателот на парламенот, Талат Џафери, од име на Собранието и во свое лично име на верниците од исламска вероисповед им го честита големиот муслимански празник Курбан-бајрам, со желба празникот да го одбележат во добро здравје и во душевен мир.

Ова е празник кој во себе ја носи пораката на солидарноста, блискоста и сочувството кон сите луѓе, блиски или далечни, соседи или роднини, познати или случајни познанства. Празник во којшто се споделуваат и убавиот збор и мисла, и благодатите на трпезата и почитта и простувањето. Навикнати сме празникот да го поминеме опкружени со весел џагор и топли прегратки, искрени насмевки. За жал, речиси од почетокот на оваа година сме принудени да ги менуваме нашите секојдневни навики поради пандемијата од ковид-19, порачува во честитката собранискиот спикер.

Доколку до сега не научивме, сега се учиме на колективна свест и совест, за тоа колку е важно секој поединец да води сметка за своите постапки, за истите да не се рефлектираат негативно на нашите блиски семејства и на сите други, порачува Џафери.


Мицкоски со честитка до муслиманските верници за Курбан-бајрам

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати честитка до на сите припадници на исламската вероисповед кои го празнуваат големиот верски празник Курбан-бајрам.

Искрено од срце ви посакувам многу здравје, среќа и успеси и нека празничните мигови ви поминат во спокој, љубов и радост со најблиските. Овој празник е еден од најголемите празници во исламот кој секогаш потсетува на хуманоста и солидарноста како темелни човечки вредности. Меѓучовечката љубов и разбирање се основата на сеопштата благосостојба на едно општество.

Македонија била и ќе биде земја во која духот на традицијата, но и почитта и меѓусебното разбирање биле мостови кои ги поврзувале луѓето од различни вери и етникуми. Во духот на празничната порака за заедничка поддршка и борба за подобра сегашност и подобра иднина, ве повикувам сите заедно да се сплотиме и да ја градиме Македонија како земја на европски вредности и принципи. Само така ќе овозможиме нашите деца, како и нашите предци да живеат под истото македонско небо во хармонија и напредок, наведе Мицкоски во честитката.


Заев: Овој празник кој ја слави добрината, нека нѐ води кон подобра и посветла заедничка иднина

По повод празникот Курбан-бајрам, претседателот на СДСМ Зоран Заев во свое лично име и во име на партијата упати честитка до сите верници од исламска вероисповед.

Почитувани граѓани, на сите припадници на исламската верска заедница им го честитам празникот Курбан-бајрам, со срдечни желби денот да го минат во добро расположение со своите најблиски и секако со почитување на мерките за заштита од коронавирусот.

Овој празник е празник преку кој се шири добрината, и е потсетник дека токму солидарноста, еднаквоста, меѓусебното помаѓање и почитување се вредностите околу кои сите треба да бидеме обединети.

Само на овој начин, ако вистински се почитуваме и помагаме, ако бидеме солидарни едни кон други, ќе успееме да изградиме еднакво и праведно општество на почитувани и задоволни индивидуи.

Нека вредностите и духовноста што овој празник ги носи со себе нѐ водат на патот на подобра и посветла иднина за сите, стои меѓудругото во честитката на Заев.


Спасовски: Курбан-бајрам е празник на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, по повод празникот Курбан-бајрам упати телеграма со честитки до вршителот на должноста претседател на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед.

Во продолжение ви ја пренесуваме честитката во целост:

Ви го честитам големиот муслимански верски празник Курбан-бајрам на Вас, на членовите на Исламската верска заедница и на сите граѓани што го чествуваат празникот, во име на Владата на Република Македонија и во мое лично име.

Курбан-бајрам е празник на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските.

Во период кога се соочуваме со пандемијата на ковид-19, светите празници носат голема духовна сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност.

Курбан Бајрам е од редот на највеличествените и најсветите денови. Овој празник за секој исламски верник е водилка да се грижи за семејството, соседите и пријателите, за сите на кои им е потребна поддршка и помош.

На овој величествен ден, кој нè потсетува на суштината на човечкото постоење, да покажеме грижа и за најскапоценото нешто за сите нас, за здравјето.

Во духот на празникот како одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата да ги почитуваме препораките на здравствените власти.

Курбан-бајрам ни посочува вредности кои се универзални, патокази кон унапредување на животниот морал кон кои треба да тежнее секој човек, без разлика на верската или националната припадност.

Благородните пораки што ги испраќа овој празник повикуваат на изградба на „Едно општество за сите“, на општество на еднакви можности во кое културните, етничките и верските разлики се богатство и непроценлива уникатна вредност.

Во вековната традиција на соживот и разбирање во нашата земја, дозволете да ви посакам многу радост, духовен мир и топлина во домовите на сите припадници на исламската вера во овие празнични денови.

Нека биде благословен и честит празникот!