Фото: Маја Јаневска-Илиева

Интервју со Емил Димитриев, пратеник и член на две собраниски безбедносни комисии

Што ќе ни донесат реформите во безбедносниот сектор и каква е спрегата меѓу политиката и разузнавачката заедница се дел од темите на кои, во интервју за „Нова Македонија“, говори пратеникот Емил Димитриев, кој е претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите и член во парламентарната Комисија за одбрана и безбедност

На последните седници во парламентот, во јавноста се констатираа несогласување и судир на концепти кај одреден број пратеници. Колкав е ризикот реформите на безбедносните органи да се претворат во „партиски пазар“ што подоцна би нѐ довеле до слични феномени на „клиентелизам“ помеѓу безбедносните органи и политичките структури?
Ако мислите на разликите кои се јавија на седницата на Комисијата за одбрана, помеѓу колешката Фросина Ременски и министерот Оливер Спасовски, постојат многу шпекулации на што се должи тоа, но јас не сакам да шпекулирам. Лично бев изненаден и немам рационално објаснување со оглед на тоа што на донесувањето на законите му претходеше негово консолидирање кое најпрвин започна со помош на партнерски служби од НАТО-земји, потоа се формира интересорска група, меѓу другото, и со претставници од парламентот, во која беше вклучена Ременски, и на крајот законите се усогласуваа помеѓу политичките партии. Секоја сериозна партија која има концепт за што било, прво го усогласува внатре во партијата ако евентуално има разлики, утврдува конечно решение и потоа врз база на аргументи го преговара во процесот на усогласување со друга партија или сл. Секој што имал предлози и идеи, и да не бил дел од групите, имал време најмалку од шест месеци да ги вгради предлозите. Законите се важни за нашата интеграција во НАТО и во ЕУ, дел од нив бараат двотретинска поддршка, од друга страна регулираат исклучително важна област, па оттука немам дилема дека со нашиот придонес значително ги подобривме и генерално направивме добра работа за земјата.

Колку реформите ќе влијаат врз политичките субјекти за тие да се откажат од ресурсите на безбедносните служби, каде што со години владее состојба за клиентелистичко вработување на партиски членови, роднини на високи функционери?
Ако досега како општество не научивме дека во многу области за политиката нема место, тогаш имаме сериозен проблем. Влијанието на политиката во службите била во континуитет од независноста до денес и тука не амнестирам ниту една партија. Овие научени лекции од минатото треба да бидат показател дека политиката во работењето на овие институции треба да биде деконтаминирана во целост. Меѓутоа, тоа нема да го постигнеме само со ограничувањето припадник на службата да не е член на политичка партија, а од друга страна да презема дејности чисто политички, најголем дел од времето да го троши во пресметки со политичките неистомисленици, притоа злоупотребувајќи ја својата позиција, да аплаудира на политички митинзи во прв ред итн. Клучна работа е да постигнеме висок интегритет и професионалност на вработените. Во спротивно, ако се сака, секој пат може да се најде слаба страна и на најдобрите закони и да се политизираат процесите.

Добри безбедносни реформи се прават со искусни луѓе, со користење светски искуства и подалеку од политичките партии. Каква порака испрати ДУИ со реакцијата при изборот на директор на АР? Еролд Муслиу припаѓа на професионалниот кадар што целата своја кариера ја градел во нашите безбедносни служби.
Дел од ова прашање го одговорив во одговорот на првото прашање, преку објаснувањето на процесот на донесувањето на последниот пакет-закони. Јас тука би отворил друга дилема, дали пристапот е сеопфатен и дали личи на вистинска и целосна реформа. Ние го донесовме Законот за координација на безбедносно разузнавачката заедница, а сѐ уште не се комплетирани основните закони кои ја уредуваат безбедносно разузнавачката заедница како што е законот за Агенцијата за разузнавање. Да не зборувам дека скоро триесет години од независноста, Советот за национална безбедност единствено во Уставот општо е регулиран т.е. не постои закон за него. Цело време зборувам дека парламентарниот надзор може поквалитетно законски да се уреди итн. Подобро ќе беше да се проширеше реформата и со овие закони. за да биде поцелосна. Што се однесува во делот за ДУИ, да бидам искрен, не видов еден аргумент со кој од стручен и професионален аспект го критикуваат новиот директор на АР, кажано со спортски жаргон мислам дека си дадоа автогол со нивната реакција.

Можете ли од оваа перспектива да ѝ ги објасните на јавноста во детали телата (комисии, одбори и сл.) што ќе ја прават таа селекција и врз основа на кои критериуми ќе се прави изборот на кадри што ќе прејдат од УБК во АНБ?
Во законот за АНБ беа вградени педесетина амандмани од кои најголемиот дел беа предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Делот на селекција на нововработените во АНБ исто претрпи доста измени. Главна цел ни беше да се спречи политизација на процесот со оглед на тоа што директорот кој ќе го именува Владата ќе го води телото за селекција, министерот за внатрешни работи ќе ги предлага членовите од редот на МВР кои ќе бидат дел од комисијата за селекција, па затоа предложивме во ова тело да влезат претставници на полицискиот синдикат и двајца пратеници од надзорната собраниска комисија, но пратениците ќе бидат без право на глас со цел да не влијаат на кадровската политика, туку да ја набљудуваат законитоста на процесот. Втор момент кој го променивме е да дадеме втора шанса на проверка по примерот на многу други области во кои има второстепеност. И трето, креиравме решение кое дава шанса луѓето кои нема да ги поминат и повторените проверки за работа во Службата за безбедност, а ги исполнуваат сите други законски норми како преостанатите вработени во државната управа, да бидат вработени на такви работни места во други институции.

Она што може да се констатира од досегашнава практика е дека многу малку внимание се посветува на искуствата низ коишто поминуваат безбедносните органи. Имено, заради флагрантната злоупотреба на оперативно-техничките средства и прекршувањето на процедурите за нивна употреба, јавноста е многу резервирана кога е во прашање обемот на нивната употреба. Како ќе се справите со оваа состојба со оглед на тоа што јавноста преку пратеничките мандати ве делегира токму вас да ја правите таа контрола за нив?
Ќе ве демантирам, парламентарниот надзор не е надлежност единствено и само на комисијата што јас ја предводам, таа улога дури со многу пошироки надлежности ја имаат и Комисијата за контрола на УБК и Комисијата за одбрана. Но ќе зборувам за работата на мојата комисија, наследив очајна ситуација од аспект на регулатива и екипираност, изминатиов период се фокусиравме на овие два приоритети, најмногу работиме со поддршка од ДЦАФ – женевскиот институт, како и со домашни експерти. Во меѓувреме се изработија насоки како се организира еден надзор, за многу брзо време ќе биде готов сосема нов правилник за надзор, кој во детали ги разработува постапките и областите на надзорот. Со оглед на договорот со СДСМ, оптимист сум дека ќе направиме посебен закон за парламентарен надзор. Наредната недела, мојата комисија ќе се екипира и со технички експерти кои ни се неопходни во нашето работење, за жал, претходно изгубив доста време во убедување со раководството на Собранието да ја отпочнеме процедурата за нивен ангажман. Надлежните немаат објаснување зошто по 14 месеци од носењето на Законот за следење на комуникациите, Граѓанскиот совет за надзор не е докрај комплетиран.

Се чини дека за да се справат со сѐ пософистицираните форми на организиран криминал, тероризам, ширење дезинформации и слични други видови и феномени кои се одредена безбедносна закана, безбедносните органи ќе инсистираат на поголема флексибилност во употребата на оперативно-техничките средства за да остварат тактичка предност во борбата со наведените предизвици. Можете ли да ни кажете дали се размислува на кој начин и со која стратегија би дошле до тоа ниво да имаме квалитетна одбрана од евентуални организирани напади, а притоа да сме сигурни дека нема да ги загрозиме фундаментите на човековите права и функционирањето на институциите и правната држава?

Уште една придобивка која е резултат на преговорите помеѓу партиите за законите од безбедноста е расчистување со дилемата околу надлежностите на институциите во делот на прибирање на тајните податоци. Со набавка на нова опрема, Оперативно-техничката агенција дополнително ќе го зголеми опфатот на работата и со тоа ќе влијае на деконцентрација на надлежностите на преостанатите институции, што е една од целите на реформите. Со новиот закон е регулирана и употребата на опремата од страна на новата АНБ за потребите во нивното работење. Треба да се работи на кадровско и техничко екипирање на институциите за да се издигне квалитетот на системот за безбедност. Најголема доверба влева фактот што ќе станеме членка на НАТО т.е. ќе сме дел од колективна безбедност што ја гарантира оваа најмоќна институција.

[email protected]