Фото: Дарко Андоновски

Покрај забележителните разлики во именувањето на земјава, на претседателот и на папата (Иванов се заблагодари за неговата посета на Република Македонија, додека папата Франциск зборуваше за вредностите на Северна Македонија), како „најценето и најважно наследство“ на луѓето што живеат во земјава, понтифот ги оцени „мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја, и комплексните односи низ минатите години“.

Посетата на папата Франциск на Македонија, покрај нејзината основна апостолска димензија посветена на верниците, пред сѐ од католичка вероисповед, со еднаква заинтересираност беше проследена и анализирана и поради актуелниот историски миг во кој се случува. Иако апостолската порака за верниците во земјава беше „Не бој се, мало стадо“ (што беше објаснето дека е наменето за малата католичка заедница во земјата, која не надминува 1 процент од општата популација), општата оцена за посетата на папата на земјава е дека таа е историска, и не само зашто поглавар на Римокатоличката црква ја посетува Македонија. Важноста и деликатноста на мигот на доаѓањето на папата во Скопје, претседателот на државата Ѓорге Иванов (чиј мандат завршува за пет дена) ги согледа во тоа што тој доаѓа „во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница“, алудирајќи на политичката димензија на неговата посета.

Покрај забележителните разлики во именувањето на земјава, на претседателот и на папата (Иванов се заблагодари за неговата посета на Република Македонија, додека папата Франциск зборуваше за вредностите на Северна Македонија), како „најценето и најважно наследство“ на луѓето што живеат во земјава, понтифот ги оцени „мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја, и комплексните односи низ минатите години“.

– Оваа мешавина од етнички и религиозни култури и припадности беше причина да се стигне до мирен и траен соживот, во кој посебните идентитети разбраа и можат да се изразат и да се развиваат без да бидат негирани, угнетувани или дискриминирани од другите. Така беа оформени односите и ситуациите меѓу заедниците, кои од овој аспект може да бидат пример за спокоен и братски соживот. Преку разликите и заедничката почит. Овие посебни карактеристики во исто време се од важно значење за патот кон што побрза интеграција со европските земји. Се надевам дека оваа интеграција ќе се развие позитивно за целиот регион на Западен Балкан и дека заедно со интеграцијата ќе се развива и почитувањето на различностите и основните права – порача папата Франциск, посочувајќи ги дискретно политичките насоки по кои треба да се движи земјава за да биде прифатена во западниот свет.

Во контекст на пораката за „мир, соживот и правда“, папата апелира и на сомилост и сочувство во прифаќањето на мигрантите, повикувајќи се на солидарноста содржана во делото на Мајка Тереза, родена токму во Скопје.

Странските новинари што ја следеа посетата на папата Франциск во Скопје го нагласуваат токму мигот во кој се случува, како своевидна политичка порака. Новинарката Софија Пападопулу од атинската АНА-МПА смета дека посетата на папата Франциск е во време кога Северна Македонија се движи по патот на европската интеграција. Досегашната порака, вели таа, е важна, бидејќи мултиетничкиот и мултирелигискиот карактер на земјата може да биде модел за другите земји во регионот.

– Посетата доаѓа по Преспанскиот договор и по решавањето на проблемот меѓу Грција и Северна Македонија и тука има порака – оценува новинарката од Атина.
Амбасадорот на Косово во Македонија, Ѓерѓ Дедај, вели дека посетата на папата на Македонија е во интерес на општото подобрување на односите на сите земји од Западен Балкан.

– Оваа посета треба да влијае на напуштање на минатото, оставајќи го зад нас, на општото подобрување на односите на сите земји од Западен Балкан и придвижување кон евроатлантската интеграција во НАТО и ЕУ, затоа оваа посета не е само со верска порака, пред сѐ оваа посета има геостратегиска важност, бидејќи јасно го означува безбедното одење на земјата кон НАТО и ЕУ – вели косовскиот амбасадор Дедај.
Фактот дека папата Франциск ја посети Македонија два дена по претседателските избори, на кој е избран нов претседател, само дополнително го нагласува внимателното согледување и проценување на политичкиот миг во земјава и регионот од страна на Ватикан.

Инаку новоизбраниот претседател Стево Пендаровски се воздржа овој настан да го коментира од дневнополитички аспект.

– Ова се убави поводи да се сплотиме и оние стандардни политички разлики да ги ставиме настрана и навистина да се заложиме за она што ни е најважно, а тоа е нашата татковина, резервна татковина немаме, тука ќе останеме да живееме. Наспроти сите разлики што ги имаме на политички план, треба да се договориме околу некои битни работи, мислам дека на сите ни е најважно овде да живееме во мир, разбирање, со респект еден кон друг и се надевам дека од денеска натаму и ова ќе биде повод плус да размислиме на таа тема повеќе – изјави Пендаровски за посетата на папата Франциск.