Филип Рикер беше амбасадор во Македонија во 2008-2011 г.

Поранешниот американски амбасадор во Македонија, Филип Рикер, е новиот помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, објавија грчки медиуми.

Според грчки извори, Рикер доаѓа на местото на Вес Мичел, а должноста ќе ја преземе во март. Дипломатот ја извршуваше функцијата амбасадор на САД во Македонија во периодот од септември 2008 година до август 2011 година. По заминувањето од Скопје, Рикер беше заменик на помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија од 2011 до 2013 година, па генерален конзул на САД во Милано од 5 септември 2014 година, додека од ноември 2017 година служи во Европската команда на САД во Штутгарт (ЕУКОМ).

Американскиот претседател Џорџ Буш на 18 март 2008 година го номинира Рикер за амбасадор на САД во Македонија. Неговата номинација беше потврдена од Сенатот на САД на 1 август, а тој даде свечена заклетва на 10 септември. Претходно, од јуни 2007 до јуни 2008, Рикер работеше како советник за односи со јавност на амбасадорот на САД во Ирак. Тој беше заменик-шеф на мисијата во Будимпешта, Унгарија, од 2004 до 2007 година. Од 2000 до 2003 година, Рикер беше на функцијата заменик-портпарол и заменик на помошник-секретарот во Бирото за односи со јавност на Стејт департментот. Во 2003 и 2004 година, како професионален дипломат е именуван за портпарол на Стејт департментот. Претходно, во периодот 1999-2000 година, Рикер беше директор за односи со медиуми во Стејт департментот. Од 1993 до 1996 беше помошник на советникот за информирање во Будимпешта, Унгарија, а од 1997 до 1999 беше советник за односи со јавност во Скопје. Рикер работеше како портпарол на тогашниот амбасадор на САД во Македонија, Кристофер Хил, како и за мировните преговори за Косово (договорот од Рамбуе).