Чекор напред кон соодветна, брза и квалитетна инспекциска контрола на сите пратки на храна од растително и животинско потекло што влегуваат или транзитираат низ Македонија, ќе обезбедат двата нови објекта што беа отворени денеска на Граничниот премин Блаце. 

Едниот објект е за ветеринарни контроли во надлежност на АХВ, а другиот за фитосанитарни на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ). Изградбата траеше една година, а ја поддржа ЕУ со 700 илјади евра преку ИПА 2 Програмата. 

Првпат со новите инспекциски објекти ќе се овозможи сомнителните пратки во однос на безбедноста да се задржуваат на Блаце и таму да се анализираат, а не како досега, да се внесуваат во земјава. Инспекторите, пак, ќе имаат услови по највисоки стандарди за непречено 24-часовно работење. 

– Новиот објект на ДИЗ гарантира брза, навремена и квалитетна услуга во спроведување на контролата на прометот со семе и саден материјал, како и средства за заштита на растенијата и репроматеријалите неопходни за квалитетно производство. Објектот за ветеринарната инспекција има функционални простории со опрема по европски стандарди што исто така гаранатира прецизни анализи на секоја пратка што влегува преку овој граничен премин – истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во обраќањето пред отворањето на објектите. 

Според директорот на АХВ Зоран Атанасов, ова модерно гранично инспекциско место ќе овозможи потполна и ефикасна заштита од потенцијална закана по јавното здравство, здравјето на животните и растенијата. 

– Ветеринарната гранична контрола е клучен фактор за обезбедување сигурност дека животните и производите од животинско потекло кои влегуваат во земјата се безбедни и ги исполнуваат условите за увоз. Истото важи и за растенијата чија конттрола ја спроведува фитосанитарната инспекција – подвлече Атанасов. 

Новиот ибјект на ветеринарната инспекција на Блаце е приземен, со утоварна-истоварна рампа и простории за прием на пратки од животинско потекло, нивно тестираење во лабораторија, ладилници и простории за персоналот: соби за одмор, дневен престој, кујна, купатила со туш кабини, …

Фитосанитарните контроли ќе се вршат во објект со приземје и кат. На приземјето има утоварна-истоварна рампа, простории за сместување на стоките со ладилник, како и лабораторија со сопствен магацин.

На пуштањето во употреба на објектите присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, евроамбасадорот Самуел Жбогар, директорот на ДИЗ Благој Индов и претставници од други надлежни институции.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, нагласи дека новите објекти на Блаце се четврти од ваков тип, по изградбата  на објектите на Меџитлија, Табановце и Богодорица со подршка од ЕУ.

Пред присутните се обрати и премиерот Зоран Заев, изразувајќи благодарност за поддршката на ЕУ не само во конкретниот случај, туку и генерално, на евроатлантскиот пат на Македонија. 

– Секој заеднички чекор на тој пат е добар пример како ЕУ и земја кандидат за членство можат да работат заедно. ЕУ ги препозна позитивните трендови во реформите што ги прави Македонија – истакна Заев.