За потребата од поместувањето на часовникот двапати годишно се уште се дискутира низ Европа - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека македонската влада ја чека ЕУ за да реши дали останува на летно или на зимско сметање на времето, експертите објаснуваат дека изборот не е едноставен и дека се потребни подетални социолошки, економски и други анализи, но и консултации со соседните држави од истата временска зона

Викендов започнува летното сметање на времето, што значи дека ноќеска стрелките на часовникот во два часот по полноќ треба да се поместат еден час нанапред, со што ќе се смета дека е три часот. За оправданоста и потребата од ваквото поместување на часовникот двапати годишно сѐ уште се дискутира низ Европа, а Европскиот парламент (ЕП) во вторникот гласаше за укинување на летното и на зимското сметање на времето. Според одлуката, која ќе стапи во сила од 2021 година, оние што планираат да останат трајно на летното сметање на времето, последен пат стрелките на часовникот ќе ги поместат во март 2021 година, а оние што планираат зимско сметање, тоа ќе го сторат во октомври истата година. Одлуката за тоа кое сметање на времето ќе го прифатат, земјите од ЕУ треба да ја соопштат до април 2020 година.
Од Владата, по одлуката на ЕП, сè уште немаат став за тоа дали земјата ќе остане на зимско или на летно сметање на времето.

– Засегаме немаме донесено одлука. Ќе се усогласиме со ставот на земјите од Европската Унија – изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Инаку, чешки европратеник Павел Свобода, кој ја предводеше групата од 70 европратеници што ја поднесоа иницијативата за запирање на промената на часовникот двапати годишно, објасни дека поместувањето на стрелките на часовникот предизвикува повеќе сообраќајни несреќи, како и пад на продуктивноста на работното место.

– Студијата на непристрасната служба на ЕП за истражувања јасно покажа дека укинувањето на промената на времето е добро за нашите 510 милиони граѓани – изјави Свобода.
Потоа следуваше онлајн-анкета во која учествуваа околу 4,6 милиони луѓе низ Европа, при што огромно мнозинство се изјасни против промената на летно и на зимско сметање на времето. И многумина од македонски граѓаните слично размислуваат.
– Не ја разбирам потребата од менување на часовникот напролет и во есен. Порано го немаше тоа, мислам дека кај нас го воведоа по смртта на Тито. Претходно организмот ми беше како компјутер, станувам во шест часот наутро, појадувам и пијам кафе, па потоа одам на пазарување. Кога почнаа да го менуваат часовникот, барем недела до две ми требаше да си го фатам редот – вели Сотир Велковски, пензионер од Скопје.
Според професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, ниту зимското, ниту летното време не одговараат во целост поради граничната зонска поставеност на Македонија.

– Во согласност со современиот биоритам, начин на живот и нашите потреби, најсоодветни се две решенија: перманентно користење на зимското време, но со поместување на работното време за еден час порано, од сегашните 8-16 часот, на 7-15 часот, или со префрлање на перманентно летно време, со кое најверојатно би биле во иста часовна зона со Бугарија и со Грција – вели Милевски.
Тој додава дека изборот не е едноставен и затоа треба да се направи со подетални социолошки, економски и други анализи, но и во консултации со соседните држави од истата зона.

[email protected]