Насмеан и полн со енергија, утрово Иван беше на контрола на Клиниката за државна кардиохирургија. Тој е првиот пациент во земјава на кого му беше трансплантирано срце.

Како што објави министерот за здравство, Венко Филипче, пациентот во моментов е во добра здравствена состојба.

Иван вели дека мора да продолжи да го живее животот, бидејќи животот е еден.

– Одлично се чувствувам. Комплетно сум задоволен од целиот лекарски тим на Клиниката. Тие сега се и мои другари. Постојано се слушаме на телефон и ме прашуваат како сум. Еднаш неделно одам на контрола и примам терапија. Им се заблагодарувам од срце за сѐ што сторија за мене, особено и на моето семејство кое ми беше најголемата поддршка да го издржам целиот овој период. Повторно ќе го живеам животот со полни гради, затоа што животот е еден – изјави Иван.

Тој во мај годинава доби срце од починат донор.