Фото: Маја Јаневска-Илиева

Има неколку програмски подрачја кога станува збор за мајчиниот јазик. За децата, со оглед на тоа дека на светско ниво сме меѓу последните држави во светот според читање со разбирање, новите програми предвидуваат да се стави поголем акцент токму на тоа

Развивање интерес и љубов за уметноста, зајакнување на креативноста, зајакнување на љубопитноста, на самодовербата. Ова се само дел од целите што треба да ги постигнат наставните програми за трето одделение, кои во моментов се во нацрт-верзија. Наставниците, но и сите други компетентни лица, имаат можност да дадат свои предлози и сугестии за да се подобрат програмите.
Освен тоа, предвидено е на децата да им се развие критичкото мислење, да им се развие способноста за самостојно учење, како и да се оспособат за работа во тим.

Новиот план и фонд на часови предвидуваат мајчин јазик да има пет пати во неделата, математика – четири, светот околу нас ќе учи трипати неделно, исто како и уметност, физичко и здравствено образование, додека, пак, англиски јазик третачињата ќе учат двапати неделно.
Има неколку програмски подрачја кога станува збор за мајчиниот јазик. Со оглед на тоа дека на светско ниво сме меѓу последните држави во светот според читање со разбирање, новите програми предвидуваат да се стави поголем акцент токму на тоа. Во трето одделение по мајчин јазик има четири програмски подрачја – комуникација и јазик, медиумска култура, почетно читање и пишување и литература.
Наставниот предмет Светот околу нас во трето одделение е застапен со фонд од три часа неделно, односно 108 часа годишно.

– Зголемувањето на фондот на часови произлегува од потребата за продлабочување на темите од природни науки со проширени цели што првпат се среќаваат или дополнително се прошируваат во трето одделение. На пример, се прошируваат целите што се однесуваат на проширување на сознанијата за движењата и силите што се случуваат во непосредното опкружување на учениците, првпат се воведуваат цели за запознавање на учениците со природните ресурси во нашата земја, се воведуваат нови географски поими – појаснуваат во Министерството.
Новите наставни планови и програми за второ и за трето одделение беа сработени откако заврши ревизијата на постојните. Според наставниот план за второ одделение, пак, фондот на часови е речиси ист како и за трето одделение, со таа разлика што, наместо три часа неделно по предметот Светот околу нас, ќе биде застапен со два наставни часа. Вкупниот број наставни часови што треба да бидат реализирани на годишно ниво е 684.

Наставната програма по математика за второ одделение, како и програмата во прво одделение, е целно насочена. Тоа значи дека има јасно дефинирани цели што треба да се реализираат во определен период, но притоа роковите не се строго детерминирани, туку се условени од индивидуалните можности на учениците.
Изборот на методи и постапки треба да биде сообразен на потребите на учениците, да применуваат практични, самостојни и сознајни активности, проследени со дидактички средства и ИКТ. Секако, не треба да се изостави и играта, како метод на учење што нуди можности за позитивно влијание на развојот на учениците, пишува во предложените нови наставни програми.