ЗЕЌИРИЈА ХАСИПИ, ДИРЕКТОР НА БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО

Дали учениците во основните училишта ќе продолжат да учат по адаптираните наставни програми изработени со поддршка на „Кембриџ“, каков е ефектот од учењето по тие програми, што ќе биде во фокусот на неговата работа, кои се проблемите што ги има македонскиот образовен систем, за „Нова Македонија“ зборува првиот човек на Бирото за развој на образованието Зеќирија Хасипи.

На функцијата доаѓате од наставничката фела. Кои, според вас, се клучните проблеми на македонскиот образовен систем?
– Не е едноставно во неколку реченици да се „дефинираат“, односно да се посочат проблемите во македонскиот образовен систем. Исто така, не е исто гледиштето кога сте наставник и кога на проблемите гледате од перспектива на целата држава и ја гледате комплексноста на целиот систем. Изминатиот период се обидов да ги лоцирам проблемите што се во надлежност на институцијата и за нив, заедно со вработените, да најдам најдобри можни решенија. Инаку, еден од приоритетните проблеми е решавањето на кариерниот развој на наставниците, да се овозможи нивно напредување во кариерата, да се утврдат точно критериумите по кои може да напредуваат, за да се мотивираат и посветено да работат. За таа цел, работна група во Министерството подготвува нова верзија на Законот за наставници, со што, се надевам, конечно, ќе се овозможи наставниците да напредуваат во кариерата и точно да се утврдат нивните компетенции. Од друга страна, она што веќе го напоменав како приоритет, можеби, и клучен проблем е да го направиме конечно нашиот систем компатибилен, на сите нивоа, со системите на земјите од Европската Унија. Мислам дека веќе се работи на овие проблеми и дека ќе се успее во наоѓањето вистински решенија. За таа цел, со поддршка на Канцеларијата на УНИЦЕФ, беше ангажирана експертска група од ОЕЦД, која направи анализа на нашиот образовен систем, изработи извештај со препораки, според кои ние како институција, заедно со Министерството и другите образовни институции, ќе треба да го реформираме и да го подобриме системот и да овозможиме поквалитетно образование за нашите ученици.

На кој начин ќе го направите тоа?
– Во овој процес тргнуваме, пред сѐ, од Сеопфатната стратегија за образование 2018-2025 година што ја усвои Владата и од активностите што се јасно дефинирани со рокови и носители. Овде уште еднаш би ги споменал и препораките на ОЕЦД според кои ќе се водиме во идните реформи. Во согласност со тие значајни документи, Бирото за развој на образованието започна веќе со подготовките за изработка на национален стандард за постигнувањата на учениците на крајот од основното образование (и на секој период од основното образование), за да можеме врз основа на компетенциите, кои ќе ги утврдиме како потребни што ќе треба да ги поседуваат учениците (како знаења, вештини и ставови), понатаму да ги развиваме (ги реформираме) и наставните планови и наставните програми. Исто така, тоа ќе го направиме и во средното образование, образованието на учениците со посебни потреби, уметничкото образование и за сите области што се во надлежност на Бирото за развој на образованието.

Дали сметате дека кембриџ-програмите во основното образование ги даваат очекуваните резултати? Дали ќе се менува нешто во однос на овие програми?
– Прашањето околу воведувањето на наставните програми од „Кембриџ“ изминатите години навистина поттикнаа многу дискусии во јавноста и имаше различни мислења околу нивното имплементирање. Реално, навистина имаше проблеми од начинот на кој се воведуваа првите години (истовремено во три одделенија), без учениците да имаат континуитет во програмите, со определени грешки во учебниците и недоволна подготовка на наставниците. Меѓутоа, од стручен аспект, доколку ги погледнете програмите, а и самото тоа што тие се изработени со поддршка на експерти од „Кембриџ“, не може да зборуваме за неквалитетно изработени програми, а и самите програми ги следат меѓународните стандарди за тоа што треба да постигнат учениците на определена возраст во основното образование, она што и ние, како држава, го проверуваме со учество во меѓународното тестирање ТИМСС. Во текот на април се спроведе тестирањето ТИМСС со учениците од четврто одделение, па ќе се види колку и дали помогнале новите програми во подарување на знаењето на учениците, со оглед на тоа што досега бевме на крајот од листата. Колку што сум запознаен, направени се и измени и исправки во дел од учебниците од страна на Педагошката служба, така што и во тој дел ќе се надминат проблемите. Можам да го посочам и делот од извештајот на ОЕЦД, каде што се зборува за адаптираните наставни програми, кои ги изработивме со „Кембриџ“, каде што се вели дека тие се квалитетни, но дека се потребни дополнителна поддршка за наставниците за успешно да ги реализираат, дополнителни обуки и обезбедување материјали од страна на локалните власти за училиштата за нивно успешно имплементирање.

Дали е планирано да се прават измени на наставните програми за основно и за средно образование и какви, во тој случај, ќе бидат промените?
– Измените во наставните програми ќе зависат од донесувањето на други документи и анализи што претстојат, или веќе се започнати. Пред сѐ, треба да се усвојат националните стандарди предвидени со Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025 година, а врз основа на нив ќе следуваат анализи на наставните програми, па потоа интервенирање во наставните планови и наставните програми. Не смееме повеќе да дозволиме да ни се случуваат ад хок реформи, реформи што не се поткрепени со анализи, реални потреби и меѓународни споредливи стандарди. Реформите мора да донесат и да обезбедат квалитет на подолг рок и така треба да се подготвуваат. Во меѓувреме, сигурно, ќе интервенираме во ситуации што не смеат да се дозволат или се штетни за образовниот процес.