Интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ претставува и директен интерес на Република Хрватска, посочил хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи во Загреб.

Според Пленковиќ, Македонија е подготвена за старт на преговорите и тој изразил надеж дека датумот ќе биде одреден во рамките на хрватското претседателство со Унијата.

Вицепремиерот Османи изразил благодарност за активниот пристап на Хрватска додавајќи дека новата методологија на Европската комисија претставува добра основа за навистина квалитетен процес на преговори.

– Ова несомнено ќе биде од корист за граѓаните кои ќе добијат квалитетни и спроводливи реформи, а уште повеќе, методологијата претставува и добра основа за земјите-членки да ги надминат разликите околу политичката контрола на овој процес, што ќе отвори простор за да се обезбеди консензус од страна на Европскиот совет за старт на преговорите на самитот на ЕУ во март – истакна Османи.

Според министерот Димитров, доколку ЕУ остане неодлучна наместо да помага и поддржува, ќе му направи голема штета на регионот.

– Европската геополитичка амбиција тешко ќе се оствари без завршување на работата околу земјите кандидати со перспектива за зачленување во ЕУ. Во пресрет на мартовските дискусии на Советот помошта на Хрвтска ќе биде од клучно значење да се подготви теренот и да се овозможи донесување на одлуката за преговори заедно со методологијата. Методологијата според нашите оценки дава повеќе за оние кои ќе постигнат повеќе, а нуди помалку за оние кои нема да успеат да испорачаат доволно. Затоа сметаме дека за нас таа претставува шанса да го надополниме изгубеното време и да се докажеме дека сме способни да го изодиме патот – нагласи македонскиот министер за надворешни работи.

Во рамките на посетата на Хрватска, Османи и Димитров остварија средби и со министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, како и со Претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања, Миро Ковач и Домагој Иван Милошевиќ.