Фото: Социјални мрежи

Поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, смета дека Бугарија нема да ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со Европската унија, како што пред неколку дена беше најавено од бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, доколку не се решат историските прашања во Мешовитата експертска комисија.

– Некои политичари можат да кажат како мислат, но тоа не е вистината. Јас мислам дека тоа нема да се случи. Бугарија секогаш ја поддржувала РСМ на нејзиниот мирен, демократски и европски проспротет. Агендата на Софија, кога Бугарија беше претседавач со Унијата, го отвори патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Бугарија прва ја призна Македонија. Ние сме братски народ. Некои политичари ќе можат да зборуваат како ќе решат, но вистината е дека Бугарија е голем адвокат на соседите. Ние сакаме просперитет, а тоа е возможно само со влез во ЕУ – изјави Плевнелиев. 

Сепак, тој додава дека прашањето околу несогласувањата за Гоце Делчев мора да бидат решени. Комисијата кон крајот на минатата година заглави на прашањата за Гоце Делчев и за други личности и настани од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Минатата година, од македонската страна на Мешовитата македонско-бугарска комисија беше побарана привремена пауза во работата за историски прашања поради изборите, кои потоа беа одложени поради ковид-кризата. За Бугарија, тие се услов без чие исполнување таа нема да дозволи напредок на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.