Фото: Игор Бансколиев

Професионалците од сферата на јавното информирање ги посочуваат печатените медиуми како најдобра алатка за спроведување на алтернативната изборна кампања, за што како поткрепа нудат и мноштво аргументи

По лидерската средба политичките партии во земјата излегоа со заеднички став дека изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 12 април ќе се адаптира на актуелните услови поради коронавирусот и таа ќе се води на алтернативни начини, преку социјалните мрежи, профилите на интернет итн.
Во контекст на ваквите најави на политичките лидери, професионалците од сферата на јавното информирање ги посочуваат печатените медиуми како најдобра алатка за спроведување на алтернативната изборната кампања.

Според нашите соговорници, оваа констатација се должи на повеќе фактори меѓу кои и високиот кредибилитет на објавените информации во печатените медиуми, долгогодишната традиција на постоењето на овој тип медиуми, професионалниот карактер и високите стандарди во весниците наспроти несигурноста и лажните профили и вести со кои се полни социјалните мрежи. Експертите од областа на медиумите додаваат дека токму овој момент и многубројните предности што ги имаат печатените медиуми треба добро да ги препознаат политичките партии во земјата при спроведување на алтернативната изборна кампања.

Елизабета Арсоска, заменик-главна и одговорна уредничка на дневниот весникот „Вечер“, вели дека рекламите во весниците се еден од најефикасните начини за промоција, особено поради фактот што традиционалните медиуми остануваат најпрофесионален начин на комуницирање со јавноста и покрај неверојатната експанзија на социјални мрежи на интернет-просторот.

– Весниците нудат проверени и веродостојни информации, цврсто се држиме на новинарските начела и норми, а тоа се препознава. Всушност, влеваме доверба, која сме ја граделе со децении. И тоа е нешто што нè прави посебни. Впрочем и милијардерот и сопственик на Амазон Џеф Безос, кога го купи „Вашингтон пост“ изјави дека весниците никогаш нема да излезат од мода и дека ако некој го нема во весник, тогаш не е популарен – објаснува Арсоска.

На крајот на краиштата, истакнува таа, весникот во хард копи останува како историја, не е фајл што може да се избрише со еден клик од тастатурата.
– Од друга страна, пак, во трка за лајкови и кликови се непроверените информации, кои се пласираат на најголем дел од интернет-порталите. Се разбира, мислам на оние што немаат ниту импресум, ниту редакција, ниту новинари, туку се уредуваат од дома од еден човек. И тоа е онаа нелојална конкуренција, која го урива и угледот на професијата. Оваа состојба добро ја знаат етаблираните пиар-служби и агенциите, кои ги водат и политичките кампањи и сметам дека полека ја сфаќаат сериозноста на новинарските принципи и етиката која е одлика на печатот и се враќаат кон весниците преку кои ќе се води и оваа кампања. Делумно „на помош“ ни иде состојбата со пандемијата на коронавирусот и наоѓање на нови начини за кампањата – поентира Арсоска.

Фото: Игор Бансколиев

Главниот и одговорен уредник на весникот „Коха“, Ведат Мемедалиу, истакнува дека препораката, или одлуката на политичките лидери за алтернативна кампања за изборите од 12 април, главно во онлајн-медиумите, дефинитивно треба да ги вклучи и дневните весници.

– Ова, за фактот дека е докажано дека во времето кога насекаде имаме лажни вести, дневниот печат и печатените весници се тие што прават разлика, или кажано на друг начин – се границата на лажните вести од вистинската информација – вели Мемедалиу.
Според уредникот на „Коха“ освен оваа констатација, весниците имаат и голем број читатели, кои немаат никаков пристап кон онлајн-медиумите и заради овие причини, тој смета дека предвремената кампања на политичките партии дефинитивно треба да го вклучи и дневниот печат.

Менде Младеновски, главниот и одговорен уредник на „Битолски весник“, вели дека медиумот што го претставува има исклучително долга традиција на непрекинато излегување од 57 години.

Младеновски вели дека во домашната практика, но и во меѓународната, општо е познато дека голем кредибилитет во јавноста уживаат печатените медиуми, a тоа се должи поради многу фактори.

– Новинарите во печатените медиуми во својата секојдневна работа мораат да го почитуваат кодексот на работата на новинарите и да се придружуваат до високите професионални стандарди и до препораките во работата на еснафските здруженија. Натаму, процесот за публикување на информации е високостручен бидејќи тој минува повеќе „раце“.Текст пишува новинар, кој потоа се надгледува од рубрички уредник, па сето минува преку уреднички мониторинг, а на крајот се врши и лекторска правописна контрола. Од таа гледна точка самиот процес на изготвување на вестите е крајно професионален и тоа му го одржува кредибилитетот на овој тип медиуми. Во споредба со печатот, крајна спротивност, која не може ни да се спореди е дејствувањето на малите интернет-редакции, кои работат пред сѐ на социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и Инстаграм, каде што постои поголема веројатност, бидејќи во најголем дел не се почитуваат стандардите на работа да се прошират невистини лажни вести и манипулации – вели Младеновски.

Тој советува дека политичките партии и власта во овој момент кога се најавува активирањето на алтернативна изборна кампања треба да ја препознаат важноста на печатените медиуми.

[email protected]