Граничен премин „Богородица“ со Грција Фото: Игор Бансколиев

Пограничните камења на македонската граница кон соседните земји (Бугарија, Грција и Албанија) се без државни ознаки на матичната земја што ја обележуваат, на нив стојат старите ознаки на веќе непостојната држава СФРЈ. Според меѓународното право, за еден ентитет да биде признаен како држава мора да исполни три услови: власт, население и дефинирана територија, а во државната територија на една земја спаѓа и областа што е определена со гранични столбови на конкретната земја. Во тој правец се поставува и прашањето чија територија обележуваат камењата со ознаки СФРЈ, и тоа на македонската граница

Три од вкупно пет гранични појаси на Македонија со нашите непосредни соседи (Бугарија, Грција и Албанија) од македонска страна се обележани со гранични бетонски столбови на кои сѐ уште се испишани името и ознаките на некогашна СФРЈ, која не постои приближно 30 години. Граничните камења и обележја и во законските акти, но и општо во дипломатијата, меѓународното право и меѓународните односи се значаен атрибут и карактеристика на државноста, сувереноста и територијалниот интегритет на една земја.

Оттаму оцртувањето и обележувањето на границите на една држава со симболи или ознаки на друга земја, или одамна упокоена и непостојна држава, како некогашна СФРЈ во случајот, е невиден преседан. Дотолку повеќе што проблемот е стар со години па и децении, а притоа и цели министерства, државни служби, погранични единици се задолжени за чување и обезбедување на државната граница, па невозможно е сите тие да не знаат која ја граница чуваат и какви обележја среќаваат.

Нашиот весник детално го истражи случајот и можевме и самите да се увериме во фактичката состојба на терен. Изминативе денови во Македонија е актуелна промената на ознаките на таблите и обележјата на повеќето институции, но и на граничните премини, поврзани со промената на името на државата во согласност со Преспанскиот договор. Но она што е особено интересно и изненадувачки е сознанието дека во изминатите декади и додека бевме дел од некогашна Југославија, Македонија неколкупати го смени името, но граничните столбови останаа секогаш исти, со написот СФРЈ. Па, така, хронолошки гледано наназад нашата држава од своето формирање, па досега пет пати го менува уставното име. Првото регистрирано име е Демократска Федерална Македонија, кое било име на Македонија како федерална држава во составот на новопрогласената Демократска Федерална Југославија. Ова име се користело во периодот од 1944 до 8 март 1946 година кога на Президиумот на Народното собрание со закон се менува во Народна Република Македонија. Од 1963, па до 1990 година државата се именува како Социјалистичка Република Македонија (скратено СР Македонија) и била федеративна република во рамките на СФРЈ. Во 1991 година по пат на референдумско изјаснување е прогласена Република Македонија, како самостојна и независна држава. По актуелните случувања и уставните измени што следуваа по договорот со Грција, земјата во 2019 година повторно го менува своето име во Република Северна Македонија.

Но сите овие промени на името на државата низ декадите и годините не се забележуваат на некои од граничните камења на нашата граница. Тие недопрени ги преживуваат сите политички премрежиња и на нив сѐ уште пишува СФРЈ. На тој начин единствено Македонија го чува споменот на некогашната држава СФРЈ и тоа на најчувствителните места, каде што воопшто не смее да биде така, односно на своите државни граници. Секој што ќе ги види овие камења и ознаки прво што се прашува која, всушност, е оваа држава и чии граници означува.

За ваквите констатации сведочат големиот број фотографии и видеоснимки на домашни и на странски планирани, кои во своите патувања на планинските врвови честопати ги затекнуваат граничните обележја од ерата на некогашната Југославија.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски објаснува дека според меѓународното право, еден ентитет да биде признаен како држава мора да исполни три услови: власт, население и дефинирана територија, а во државната територија на една земја спаѓа и областа што е определена со гранични столбови на односната земја.
Според аналитичарот, нашата земја би требало во иднина да ги промени овие состојби и на местото каде што е впишана некогашна СФРЈ да го употреби името на државата, бидејќи без дефинирана територија со ознаки на односната земја на граничните камења не може да постои држава.

Аналитичарот објаснува дека според меѓународните правила постои практика што вели дека на секои 5 години треба да се врши генерално контролирање и обновување на граничните столбови од страна на мешовитите комисии на земјите што се граничат меѓу себе.

– Според очигледната состојба нашата земја освен со Србија и со соседно Косово по процесот на демаркацијата на границата со Приштина, овој чин не е извршен со другите соседи од независноста па досега – вели тој.

Од друга страна, за истакнување се и медиумските информации, до кои дојдовме при нашето истражување, и во кои се вели дека во 2004 година тогашните власти во земјата планирале да започнат процес со кој ќе се брише ознаката СФРЈ од македонските гранични камења.

Врвот Кадиица кон бугарската граница

Тогаш Владата го задолжила Министерството за надворешни работи во соработка со другите министерства и институции да се ангажираат за целосно реализирање на активностите за обележувањето на државната граница.

Притоа се бара да се изврши проверка на бројот на потребните гранични камења, каква е состојбата со постојните, колку од нив недостигаат или се скршени на македонската државна граница, а дури наредната година (2005) да почне и обележувањето на граничните камења со знакот РМ, се вели во информациите до кои дојде нашиот весник. Колку и што од предвидените и зададени обврски тогаш биле целосно завршени останува нејасно, но факт е дека и денес постојат голем број гранични камења со ознаките на СФРЈ, како сведоштво не едно одамна поминато време.

Граничниот премин Свети Наум со Албанија

Во контекст на ваквите состојби, за забележување се и информациите дека надлежностите поврзани со граничните ознаки, столбови и камења ги делат повеќе владини институции (МВР, МНР и Катастарот на недвижности).
Од МНР дефинирајќи ги овие обележја велат дека граничните ознаки, граничните камења или граничните пирамиди се јасно видливи физички објекти што ја идентификуваат копнената граница меѓу две држави, a oбликот и местото на поставување секогаш се врз основа на договор меѓу двете државите што се разграничуваат.

– Граничните ознаки ја означуваат промената на правецот на границата или доколку граничната линија е права линија во поголема должина тогаш служат и за видливо да се обележи граничната линија – велат од МНР.
Оттаму информираат дека во практика обично на неколку километри се поставува по една поголема гранична ознака и меѓу нив на помало растојание се поставуваат повеќе помали ознаки.

– На двете страни на граничните ознаки се втиснуваат иницијалите на двете држави или метални плочки со иницијалите на државите. Во случај кога државната граница е на река, гранични ознаки се поставуваат од двете страни на реката. На тромеѓните точки се поставуваат тристрани поголеми пирамиди – велат од МНР.

Како што може да се забележи, во одговорот на МНР нема ниту збор за проблемот со ознаките на СФРЈ.

Ченгино кале кон бугарската граница

Инциденти со граничните камења

Изминативе години беа регистрирани голем број примери на инциденти поврзани токму со граничните ознаки. Последен случај беше ланскиот, кога во ноември беше регистриран инцидент во кој беа отстранети повеќе од 100 камени столбови за означување на границата меѓу нашата земја и Грција. Полициската истрага констатира дека 36-годишниот Б. М. од пограничното битолско село Гермијан е осомничен дека ги оштетил и поместил граничните камења на македонското-грчката граница.
Претходно во 2008 и 2009 година беа регистриран неколку инциденти од овој тип во кои жителите на селата Танушевци и Дебалде во неколку наврати ги отстраниле граничните ознаки, поставени во текот на демаркацијата на пограничната линија. Според тогашните пишувања на медиумите, жителите на селата од пограничниот дел ги срушиле граничните ознаки бидејќи биле револтирани од тоа што камењата биле поставени на приватни имоти за време на демаркацијата на границата.

[email protected]