Фото: Игор Бансколиев/aрхива

Лага е дека ќе се менува името на црквата, вели владиката Агатангел. Ниту еден член на Светиот архијерејски синод нема да отстапи од светото име македонско, од оваа наша света македонска црква, бидејќи таа е тврдина и столб на државата, тврдина и столб на вистината за македонскиот народ, тврдина и столб за сите оние што се чувствуваат како Македонци, а такви ги има многу во нашава земја Македонија и низ дијаспората, низ целиот свет

Македонската православна црква – Охридска архиепископија е тврдина и столб на државата, таа е вистината за македонскиот народ и на сите оние што се чувствуваат како Македонци, во земјата и во светот. Овие зборови како најсилен ѕвон на камбана, одекнаа изречени во јавноста од страна на повардарскиот митрополит Агатангел, кој со индигнација ги отфрли сите информации што изминативе неколку дена се појавија во јавноста за наводна промена на името на МПЦ-ОА.
Речиси секогаш кога се создаваат можности за решавање на македонското црковно прашање, како по правило се активираат одредени структури што наметнуваат негирање на македонскиот идентитет, јазик и име, за да не се дојде до конечно решение.

– Никој не размислува да се откаже од името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Тоа е името на нашата држава, на нашата црква, ние сме национална црква, црква на овој наш македонски народ – истакна владиката.
Според него, на состанокот со другите владици се донела одлука да се испрати писмо до Вселенската патријаршија и да се побара само автокефалност, односно признавање на Македонска православна црква како автокефална.
– Верувам дека ниту еден член на Светиот архијерејски синод нема да отстапи од светото име македонско, од оваа наша света македонска црква, бидејќи таа е тврдина и столб на државата, тврдина и столб на вистината за македонскиот народ, тврдина и столб за сите оние што се чувствуваат како Македонци, а такви ги има многу во нашава земја Македонија и низ дијаспората, низ целиот свет – додава повардарскиот митрополит Агатангел.

Според него, цела година сите се потресени од разни напади, неправди, понижувања, измами и како што вели, не треба никого да го чуди ваквата состојба, зашто и во иднина може да има уште повеќе вакви измами.
– Ние живееме во тешко име, но Христос секогаш победувал. Тој е нашиот спасител, апостолот Павле го испратил тука за оваа македонска земја, да го проповеда негово евангелие и спасение. Тоа е првото стебло на црквата македонска на овие простори – нагласува владиката.
Дека писмото испратено од Синодот на МПЦ-ОА до Вселенската патријаршија не значи и промена на името на црквата пред неколку дена потврди и владиката Тимотеј, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, кој истакна дека станува збор за шпекулации и дефокусирање на јавноста од целата суштина.
– МПЦ никогаш не се откажа, ниту ќе се откаже од своето вековно име Македонска православна црква. Точно е само едно дека Синодот пред еден месец испратил писмо до цариградскиот патријарх, со кое се бара решавање на статусот на нашата света црква и вбројување на истата таа во списокот на другите православни цркви – изјави владиката Тимотеј.
Како учесник во потпишувањето на писмото до Цариград, владиката Тимотеј тврди дека во писмото нема никакво барање за промена на името на црквата.
– Народот може да биде спокоен, ние не сме луѓе што се пазарат за какви било интереси, на сметка на вековното име – истакна владиката.

Владиката Пимен уште пред да биде објавена веста дека е испратено писмо до Вселенската патријаршија изјави дека црквата е против промена на името на државата, а за промена на името на црквата воопшто не ни станува збор, зашто тоа е поврзано со македонскиот идентитет.
– Искрено се надеваме дека нема да отстапиме од нашето уставно име. Ако на крајот мнозинството надвладее за да одлучи да се промени, ние секако тоа не би го инкорпорирале во името на црквата. Нашето име е Македонска православна црква, тоа се врзува со нашиот идентитет, а не со мноштвото народи што ги имаме. Црквата треба да стои над политиката и нема да посегне по тој чекор да го промени своето име, зашто ние имаме и еклисиолошко име Охридска архиепископија, имаме национално име како Македонска православна црква – изјави Пимен.

ДРЖАВАТА ДА ГО ОДБРАНИ УСТАВНОТО ИМЕ

Инаку, Владиката Агатангел во интервјуто повикува и на тоа дека граѓаните во земјава треба да застанат во одбрана на уставното име под притисоците за негова промена во преговорите со Грција.
– Македонија е македонска и тоа ќе си остане. Мора да веруваме во некого ако не тогаш да бараме трета опција, која навистина овој народ ќе го поведе на правиот вистински пат. Знаеме кои сме, но со вакви превирања, со вакви понижувања, со вакви неправди досега никаде во светот не се случува некоја држава да бара од своите соседи да ги сменат името, националноста, да ја сменат својата култура – смета митрополитот Агатангел.

Според него, и МПЦ-ОА треба да биде посилна во своите ставови.
– Државата го потпиша бугарскиот договор. Како Синод не го прифативме. Наредната седница дојде некоја идеја, некои предлози да се бара од Бугарската патријаршија да ни биде мајка-црква. Можеби некој си игра и во Синодот. Не можам да тврдам, не можам да напаѓам, не сакам да си ја грешам душата, можеби некој во Синодот манипулира со нас архијереите, со народот, со свештенството, но тоа ќе испадне на виделина. Вистината ќе испадне на виделина и секогаш победува. Можеби претпоставуваме кои се тие луѓе, но не би сакал сега да именувам никого. Се чувствува човек кога разговараш, дали е архијереј, дали е свештеник, дали е обичен човек, обичен граѓанин или интелектуалец. Кога зборуваш за својата земја и кога го гледаш во очи ќе разбереш дали тој ја сака оваа земја – објасни владиката.

ПЕТ ЦРВЕНИ ЛИНИИ

Владиката Агатангел препознава страв кај граѓаните, особено по настаните на 27 април минатата година во Собранието, кога, според него, биле затворени невини луѓе.
– Што се случи таму никој не спомнува. Неправедно е избран претседател на Собрание, неправедно парламентарство, тоа беше срамота. Пеење друга химна во македонски парламент. За тоа никој ништо не дискутираше. Дојдовме до тоа друга нација да одлучува за нас, дали ќе бидеме Македонци, дали да си го смениме името македонско, дали ќе се викаме вардарска, скопска, горна, сега рекоа илинденска, па имаше и гласини и за крушевска – додаде митрополитот.
Според него, промената на Уставот, на името, на идентитетот на македонскиот народ може да доведе до прoклетство на овие простори.

– Има пет точки каде што треба да се стави црвена линија. Името Република Македонија, Уставот да не се чепка, унитарниот карактер да остане на државата, јазикот, нацијата. Тие се петте точки што не треба да се допираат. Наместо политичарите да си подадат рака, да се помират, да се сакаат, да си помагаат еден на друг, тие само се расправаат. Кој колку украл, кој колку направил и што направил – смета владиката.
Загрижен е дека никој не реагира на ваквата состојба во земјата, па дури ни друштвото на писатели на Македонија.
– Петре М. Андреевски, македонскиот Достоевски сега се превртува во гробот зашто молчат неговите колеги – додава г. Агатангел.
И во разговорите со највисокиот црковен клер на МПЦ-ОА, но и со релевантни соговорници, интелектуалци, професори и многу граѓани соговорници на „Нова Македонија“, уште еднаш се покажува дека наспроти сите интриги и шпекулации околу наводната промена на придавката „македонска“ од името на црквата, дека македонските владици и народот цврсто стојат на ставот за зачувување на идентитетот и името на МПЦ-ОА.

Фото: Дарко Андоновски