фото: Фејсбук

Ова е шанса каде ЕУ треба да одговори на клучно прашање, а тоа е дека Западен Балкан е на агендата за проширување, но одлагањето на датумот и блокадата од Бугарија не е во европски дух и го зголемува евроскептицизмот, рече Славјанка Петровска пратеничката од СДСМ во „24 анализа“.

– Ова прашање е сериозно стратешко прашање на ЕУ и секое понатамошно одложување ќе наштети на демократските процеси на Балканот. Жално е што Бугарија не го почитува Договорот за пријателство и го блокираат членствотово ЕУ и тоа не значи дека не сме ги исполниле барањата на ЕУ, туку имаме билатерален проблем – додаде таа.

Петровска испрати апел до бугарскиот политички врв сериозно да ја разгледа својата одлука и да се насочи кон тоа што направи Македонија изминатите години.

– Овој процес е на сите влади досега, но и разочарувањето е исто така за сите граѓани. Кога зборуваме за патот на земјава кон ЕУ не треба да останеме глуви и слепи на заклучоците на телата на унијата, кои го потврдуваат напредокот и кои досега неколку пати рекле дека земјава ги исполнува условите за да добие датум за преговори, а Бугарија го злоупотребува правото на вето – додаде таа.