По три години успешна реализација на „Сонуваме. Менуваме“ Стопанска банка АД – Скопје го најавува најголемото досега #СонувамеМенуваме со 15 инклузивни концерти.

Како и досега, милениците на децата 5+ Фамилија (ОхО) заедно со децата со пречки во развојот преку музика, игра и смеа ќе покажат дека разликите не треба да не разделуваат, туку напротив може да не зближуваат.

Со оглед на тоа што целна група на овие концерти се децата, пораката преку концертите се пренесува суптилно и ненаметливо преку вклучување на лица со различни попречености во театарската игра и нивното учество е клучно во приказната. Со тоа се нагласуваат нивните можности наспроти попреченостите и се посочуваат позитивни примери за инклузија кои децата потоа може да ги применат во својата секојдневна игра.

15-те термини на концертите во Македонскиот Народен Театар ќе бидат прилика за пренесување на пораката за инклузија, соживот и разбирање до уште поголема публика, а како и претходно, поради хуманитарниот карактер на настанот, средствата остварени од продажбата на билетите по цена од 200 денари се вклучуваат во фондот за донации кој Стопанска банка го обезбеди за реализација на грантови за асоцијациите на деца со посебни потреби. Досегашните средства во износ над 45.000 евра помогнаа во период од три години да се реализираат 27 проекти со кои се подобрија условите на лицата со посебни потреби од аспект на комуникација, движење, самостојност, едукација итн. Задоволството на корисниците на донациите е мотив повеќе Банката да продолжи со реализација на проектот заедно со партнерите од ОхО, асоцијациите и институциите.

Ги покануваме сите заинтересирани билетите да ги набават од билетарницата на МНТ или од нивната веб-страница за некој од термините од 14 до 29 декември.