Кирил Петков

Оценка на бриселскиот портал „Политико”

Нестабилните односи со соседна Македонија, заедно со ниското ниво на вакцинација и борбата против корупцијата, се главните предизвици се кои ќе треба да се справи поранешниот претприемач, дипломец на Харвард и нов бугарски премиер Кирил Петков, оценува бриселскиот портал „Политико” во осврт на новоизбраната Влада на Бугарија.
Во делот на анализата посветен на односите со Македонија, „Политико” наведува дека премиерот Петков сака да заземе поделотворен пристап кон земјава.
„По долги години контроверзии, ЕУ минатата година се согласи да ги покани Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за членство. Сепак, Бугарија ги блокираше преговорите поради спор со Северна Македонија околу историјата и јазикот. Ова ги спречи и Северна Македонија и Албанија да го направат следниот клучен чекор во процесот за членство – усвојувањето на преговарачките рамки, што е предуслов за старт на преговорите со одржување на првите меѓувладини конференции“, наведува бриселскиот портал.
Во освртот се посочува дека ваквиот потег на Бугарија предизвика разочарување и на Балканот, но и во Брисел, каде поддржувачите на проширувањето велат дека Софија ја поткопува довербата во Унијата и остава политички вакуум во регионот за Русија, Турција и Кина кои сакаат да го прошират своето влијание.
„Иако новата бугарска Влада не планира да се откаже од барањата за историските спорови со Северна Македонија, Петков најави дека негова цел е да го прошири дијалогот и да ја искористи економската соработка за подобрување на односите“, наведува „Политико”.
Порталот додава дека Петков планира новиот пристапот да биде поврзан со „зајакнување на постојните позиции” на Бугарија и би сакал комисиите што ги разгледуваат односите „да работат многу напорно следните шест месеци”, но дека одбива да даде краен рок за завршување на процесот.
– Мислам дека ниту една Влада, во моментов, не може само да излезе пред својот народ и да каже: „Во ред, заборавете на сите проблеми, ајде само да го потпишеме договорот”, затоа што таквата Влада брзо ќе биде сменета – ја пренесува „Политико” изјавата на Петков.
Петков, според порталот, смета дека на луѓето треба да им се покаже зошто соработката е корисна.
– Сакам да можам директно да летам од Софија до Скопје, не преку Виена. Сакам да ја воспоставам првата железничка врска или ако е можно барем план за тоа. Сакаме да имаме заеднички културен календар – додава бугарскиот премиер во цитираната изјавата.