фото: Игор Бансколиев

Меѓународниот ПЕН, светска асоцијација на писатели, се огласи со официјално соопштение во кое бара почитување на македонскиот идентитет.

„Комитетот на писатели за мир (WfPC) и Комитетот за преводи и за јазични права (TLRC) со загриженост ја нотираат политиката на ексклузивистичко и хегемонистичко толкување на историјата и на заедничкото балканско – а посебно македонското – културно наследство, што го промовираат и практикуваат балкански дипломати во текот на претходните три децении, а особено од високите бугарски политички и институционални претставници во последните три години.

Овој политички дискурс за негирање на македонското право на самоопределување и на македонскиот историски, културен, јазичен и национален идентитет се користи за наметнување услови, блокади и вето за да се оневозможи правото на членство или на пристапни преговори на Република Северна Македонија во меѓувладини организации како Обединетите нации (ОН), Европската унија (ЕУ) и Северноатлантската алијанса (НАТО).

Македонското културно наследство е означено како вештачко, фалсификувано и присвоено, бидејќи се толкува дека припаѓа исклучиво на други држави. Македонскиот етнички идентитет е загрозен во своето постоење и опсег, бидејќи македонските етнички малцинства во соседните држави се лишени од меѓународно загарантирани демократски права. Македонскиот јазик се смета само за регионален стандард и западен дијалект на бугарскиот јазик.

Комитетот на писатели за мир и Комитетот за преводи и јазични права повикуваат за целосно почитување на македонскиот временски и просторен континуитет, на интегралниот македонски социо-културен идентитет и на македонските јазични и културни права.

Политичките негирања и условувања на македонскиот идентитет се осудени од двата комитети (WfPC и TLRC) како спротивни на меѓународните норми за самоопределување, суверенитет, културно наследство, разновидност, одржување мир и решавање спорови.

Овие неприфатливи практики се исто така спротивни на принципите на основните човекови и колективни права, правата на државите и на членките на ОН вградени во Повелбата на ОН, како и спротивни на принципите вградени во Повелбата на Меѓународниот ПЕН и на манифестите и на декларациите за мир и за јазичните права на Меѓународниот ПЕН.

Комитетот на писатели за мир и Комитетот за преводи и за јазични права, исто така, се противат на ексклузивистичката, присвојувачка и базирана на ултиматум дипломатска реторика и стратегија кон македонскиот идентитет, бидејќи тие се спротивни на основните принципи на научно истражување, на ажурирана научна методологија и на современиот историски и културен плурализам.

Комитетот на писатели за мир и Комитетот за превод и за јазични права ја повикуваат меѓународната заедница да го осуди овој нов радикален, нетолерантен и базиран на ултиматум пристап во балканската и европската политика и да осуди одредени тврдења на други држави за македонскиот идентитет спротивни на суверенитетот и на неотуѓивите права на македонските граѓани.

Овие мерки се неопходни за да се развијат односи на соработка меѓу балканските држави врз основа на почитување на принципот на еднакви права и на самоопределување, за одржување на меѓународниот мир и безбедност со мирни средства и во согласност со принципите на правдата и на меѓународното право. Конечно, двата комитети (WfPC и TLRC) ја истакнуваат потребата за праведен и неселективен став во примената на универзалниот принцип на самоопределување и во именувањето на културното наследство“, се вели во заедничката изјава потпишана од Емануел Пјера, претседател на Комитетот на писатели за мир, и од Урци Урутикочеа, претседател на Комитетот за преводи и за јазични права, две тела на Меѓународниот ПЕН.