По консултациите со експерти од областа на енергетиката и правото, претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша указот за прогласување на законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ по пат на спогодба, информираат од претседателскиот кабинет.

– Претседателот смета дека донесувањето на законот е во јавен интерес бидејќи државата ќе стане сопственик на целиот гасоводен систем и на тој начин ќе се отвори можност за диверзификација на изворите за снабдување со гас на нашата држава, како и дека ќе се создадат услови за дополнителни вложувања во изградба на дистрибутивната мрежа. Исто така, нашата држава ќе стане транзитна рута за други држави во регионот – се наведува во соопштението.

Во него се објаснува дека усогласениот текст на спогодбата е направен со медијаторство на „Енергетската заедница – Виена“, меѓународна организација задолжена за усогласување на правилата и принципите на внатрешниот пазар на енергија на ЕУ со државите кандидати за членство.

– Во однос на забелешките и критиките дека со ова решение е нарушено начелото на поделба на власта и дека Собранието ги презело ингеренциите на судот, претседателот Пендаровски смета дека владеењето на правото е обезбедено со надлежноста на Уставниот суд да ја контролира уставноста на законите – стои во соопштението.