Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати и ја отвори јавната онлајн трибина „Дигитализација и образование“ во чиј фокус се предизвиците поврзани со дигитализацијата во образованието и трансформациите кои не очекуваат во иднина во оваа област.

Пендаровски истакна дека во овие процеси е нужно да постои партнерство на државните институции со учените луѓе, со граѓанскиот сектор, со цел да се најдат решенија засновани на потребите на граѓаните.

– Неспорно е дека спроведувањето на наставата преку дигиталните платформи останува предизвик, посебно за држава со мали ресурси, како што сме ние, и за оние кои ја изведуваат наставата, но и за учениците и студентите, за родителите, за секој од нас. Сведоци сме во последно време на интензивни дебати во врска со дигитализацијата на образованието и со оглед на тоа дека сега сме во процес на трансформација, јас мислам дека вистинскиот збор е транзиција од традиционалните кон новите методи на настава и оттука, се разбира, дека има голем простор за наше подобрување – кажа Пендаровски.

Генерално, додаде тој, дигитализацијата во образованието отвора извонредни можности за олеснување на образованието на сите граѓани и нашите досегашни искуства на овој план мора да се искористат и по завршувањето на кризата со ковид-19.

– Достапноста на образованието за сите и надминувањето на физичките бариери е, според мене, неверојатен бенефит за секоја индивидуа и за општеството во целина. Затоа треба да бидеме подготвени да инвестираме во информатичките технологии и да ги развиваме дигиталните алатки, но пред сè и над сè, генерално зборувајќи, да работиме на дигиталната писменост – кажа Пендаровски.