Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп, кој престојува во посета на Македонија.

– Претседателот Пендаровски изрази уверување дека со сојузништвото во НАТО двете држави даваат придонес за стабилноста и безбедноста во регионот. Двајцата соговорници изразија очекување за натамошно продлабочување на македонско-турските билатерални односи, во сите сфери од заемен интерес, вклучувајќи ја меѓупарламентарната соработка – соопштија од кабинетот на Пендаровски.

На средбата биле разменети мислења и информации и за актуелните состојби во двете држави, вклучително и во контекст на пандемијата од Ковид-19, како и за целокупните состојби во регионот.

Претседателот Пендаровски изразил благодарност за севкупната помош од Турција за справување со пандемијата од Ковид-19, истакнувајќи ја важноста на солидарноста, соработката и меѓусебната поддршка на државите, како важен предуслов за успешно справување со последниците од глобалната пандемија.