Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991/1991 – 2021 година“.

„Држава направивме и неа нема да ја изгубиме, но воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми, а не за 1903, 1941 или 1991. Само на таков начин ќе опстанеме во новиот свет, кој се раѓа пред нашите очи“, истакна претседателот Пендаровски.

Според него, надворешната интегрираност е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет и во тој дел, како што рече, е забележан видлив напредок на договорот од Преспа, без да се загрозат виталните идентитетски маркери на македонската нација, кои се експлицитно наведени во текстот на документот.

За Пендаровски, договорот со Бугарија од 2017 е пример за приближување постигнат без странска асистенција.

„Акт што ги не дискриминира ниту една од страните кои и во посткомунизмот, за жал, не ги надминаа заемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор: имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција. Неодамна усвоената собраниска декларација го потврдува широкиот политички консензус за ова прашање“, нагласи претседателот на државата.

Пендаровски се осврна и на економскиот аспект, кој, според него, е една од главните причини за брановите на иселување, кои не стивнуваат 30 години.

„Во овој контекст многу е битно да се намали нивото на корупција, особено високата корупција, затоа што ги става во подредена ситуација граѓаните што плаќаат даноци и воопшто ги демотивира да ги почитуваат законите, го оштетува буџетот и економската основа на земјата и, не помалку важно, ја руши довербата на луѓето во институциите на сопствената држава“, рече тој.

Додаде дека заштитата на животната средина, што веќе стана најважното политичко и изборно прашање во најмалку половина од земјите членки на Европската Унија, но политиките и ресурсите за имплементација на зелените политики кај нас се нужни што побргу не затоа што се тие популарни кај богатите туку затоа што, според некои процени, како што нагласи, ни умираат по 3.000 луѓе годишно само од аерозагаденост, колку што приближно изнесува едногодишниот данок во смрт од Ковид-19.

„Реално, ништо од ова нема да биде можно ако не го намалиме нивото на политичка поларизација, каде што изборниот победник ги алиментира своите членови, а свесно се лишува од придонесот на оние што не гласале за него. Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој граѓанското помирување е невозможно, но сите ние, актуелните политички актери, сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите, кои на моменти ја парализираат целата држава. Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој што ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме“, потенцира Пендаровски.