Претседателот Стево Пендаровски се сретна со претставници на Советот на странските инвеститори при Стопанската комора на Македонија. Тој порача дека апсолутен приоритет за државата треба да биде економијата и дека во текот на неговиот мандат како Претседател ќе говори што е можно повеќе за економски прашања.

Претседателот Пендаровски рече очекува кон средината на следниот месец да добиеме датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија потенцирајќи дека без луѓе од еснафските здруженија не треба да се оди на преговори во Брисел.

Набргу, посочи Пендаровски, стануваме членка на НАТО, а тоа значи зголемување на довербата кај инвеститорите затоа што на нас како држава ќе гледаат како предвидлива дестинација за вложување. Според него, важно е да имаме правна држава и владеење на правото.

Во врска со актуелниот случај „Рекет“, претседателот Пендаровски посочи дека и оваа афера, како и сите други, треба да се решат до крај, без какви било влијанија на политиката и бизнисот.

– Многу е битно правосудниот, судскиот и обвинителскиот систем да имаат соодветна, навремена и целосна реакција и тие предмети да не се влечкаат со години и години по судските коридори за на крајот да заборавиме во која фаза се воопшто. А да не кажам дека во изминатите безмалку 30 години откако сме независна држава, немаме ниту еден висок политички функционер кој завршил во затвор за злоупотреби. Тоа не зборува добро за нас, меѓутоа се надевам дека сега тоа што е почнато, ќе продолжи со тоа темпо и во таа насока ќе се заврши до крајот. И низ таа призма ќе нè ценат нашите пријатели во Брисел кога ќе проценуваат не само дали треба да почнеме преговори, зборувам и за делот потоа, кога ќе проценуваат дали ги исполнуваме сите барања од најтешкото поглавје во кое се преговара во однос на ЕУ, а тоа е Поглавјето 23 – рече претседателот Пендаровски.

На средбата со Советот на странските инвеститори претседателот Пендаровски рече дека при секоја посета надвор од државата барањата на стопанствениците ќе бидат соодветно претставени.

Побара од стопанствениците да бидат вклучени во секоја фаза од носењето законски решенија од економската сфера со цел да бидат донесени квалитетни закони.