Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Асоцијацијата на ивент индустрија – ИВАП, во која членуваат 39 компании вклучени во организација на настани, изнајмување на опрема за настани, видео-аудио продукција и техничка поддршка на настани.

На средбата претставниците на асоцијацијата ги претставија предизвиците со коишто се соочуваат во нивната работа и драстичниот пад на приходите по почетокот на пандемијата од ковид-19.

– Претставниците на асоцијацијата на средбата укажаа и на административните пречки со коишто како дејност се соочуваат при остварувањето на своите права и користењето на мерките понудени од Владата. Претседателот Пендаровски ги поддржа напорите на Асоцијацијата ИВАП за изнаоѓање на начини за надминување на предизвиците низ кои поминуваат компаниите што се занимаваат со оваа дејност и изрази очекување институциите соодветно да одговорат на нивните барања, со цел ублажување на негативните последици во нивната работа поради пандемијата од ковид-19 – соопшти Кабинетот на претседателот.