Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.
Поздравувајќи ја посетата на министерот Грлиќ Радман и оценувајќи дека доаѓа во исклучително важен момент за нашата држава и за регионот, претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаните и јасни заложби на Република Хрватска и актуелното хрватско претседателство за отворање на пристапните преговори за членство пред самитот на унијата во Загреб во месец мај. Претседателот Пендаровски изрази очекување и за скорешно усвојување на новата методологија за водење на пристапните преговори за членство.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше оценето дека тие се пријателски, без отворени прашања и беше посочено на интересот на двете страни за унапредување и интензивирање на билатералната соработка во сите области од заемен интерес.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации и за актуелните состојби во регионот, вклучително и за заканата од нелегалната миграција.