Актуелниот случај „Рекет“ е круцијален тест за системот на правната држава и затоа треба да се реши темелно, до крај. Притоа, не заради Европа, туку пред сè заради нас, не смееме да толерираме евентуални странични влијанија од која страна и да доаѓаат, рече претседателот Стево Пендаровски на Третата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (нкеу-мк).

– Економскиот развој и нултата толеранција за корупцијата мораат да бидат врвни приоритети за секоја власт. За успешно справување со овие предизвици потребно е обединување на потенцијалот и поддршка од сите нас, и од власта, и од опозицијата, од бизнис-секторот, од граѓанските здруженија, од медиумите. Правната држава и владеењето на правото не смеат да бидат празна флоскула во која, патем, граѓаните низ годините сè помалку веруваат. Правосудниот, судскиот и обвинителскиот систем мора да имаат соодветна, темелна и навремена реакција, целосно заштитена од политички влијанија – рече Пендаровски.

Тој кажа дека во изминативе 28 години во нашата држава има многу малку пресудени случаи за висока корупција и изречени санкции.

– Овој факт, за жал, говори за тоа дека високиот криминал и корупција кај нас долги години биле прикривани, и наместо жестока реакција на правната држава, ние сме етаблирале култура на неказнување – рече Пендаровски.

Според него, на Македонија ѝ е неопходно системско справување со корупцијата и воспоставување вредносен систем кој ќе биде во согласност со европските стандарди и критериуми, за што, како што рече, е неопходна јасно изразена волја на сите релевантни политички чинители во државата.

Како што рече Пендаровски, досегашните резултати од работата на антикорупциската комисија даваат надеж дека состојбата се менува на подобро.

– Сметам дека секој одговорен политичар, и од власта и од опозицијата, сега и во иднина, треба да даде максимална поддршка на напорите на институциите за борба против корупцијата за културата на неказнивост да стане минато во нашата држава. Се разбира, напорите на антикорупциската комисија не се доволни. Нивната работа треба да ја следи и понатаму продолжува и ефектуира добро подготвено јавно обвинителство и независно судство. Правосилните судски одлуки донесени во транспарентна постапка треба да придонесат за градењето на една нова култура и нов амбиент во кој политичарите нема да претставуваат посебна категорија на луѓе за кои не важат законите – рече Пендаровски.