По повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, претседателот Стево Пендаровски упати честитки до граѓаните со исламска вероисповед, со желба да го минат истиот во среќа, добро здравје и во хармонија со најблиските.

– На крајот на светиот месец Рамазан, посакувам сите ваши молитви да бидат слушнати и кај сите верници да преовладаат солидарноста, разбирањето и помагањето на оние на кои им е потребна помош – вели во обраќањето Пендаровски и нагласува дека овој празник треба да биде потсетник дека само со заеднички заложби и меѓусебна почит може да се одржат живи вредностите што нè обединуваат.

Тој воедно ги повикува верниците да останат претпазливи и дисциплинирани и да ги почитуваат препораките во борбата со ковид-19.