Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Охрид се сретна со дел од учесниците на конференцијата „Охридски дијалог“.

На средбата со Џорџ Робертсон, претседавач со Охридската група и поранешен Генерален секретар на НАТО, претседателот Пендаровски му се заблагодари за досегашната поддршка којашто тој лично, но и Охридската група како целина безрезервно ја даваат за Македонија.

На маргините на „Охридскиот дијалог“ претседателот Пендаровски се сретна и со челните луѓе на Атлантскиот совет и високи претставници на НАТО, односно Александер Вершбоу, Дејмон Вилсон, Марк Лејти, Џорџ Базби и Алесандро Минуто – Ризо.

Пендаровски го искажа своето задоволство од брзата ратификација на пристапниот протоколот за полноправно членство на Северна Македонија во НАТО. Како што посочи претседателот Пендаровски, протоколот за членство на земјата во НАТО во своите парламенти преостанува да го ратификуваат уште три земји, односно Франција, Холандија и Шпанија.

На средбата, Пендаровски го реафирмираше ставот дека единствена алтернатива за  Македонија е членство во НАТО и во Европската Унија.

– Патот до Алијансата веќе е на самиот финиш. Станувајќи 30-та членка на НАТО ќе биде загарантирана безбедноста и сигурноста на Северна Македонија – истакна претседателот Пендаровски и додаде дека „единствена алтернатива за земјата е полноправно членство во НАТО и во Европската Унија“.

Во таа насока, како што рече Пендаровски, и покрај скорешното разочарување од недобивањето на датум, Македонија пред се, поради своите граѓаните, неопходно е со побрзо темпо да ги заврши започнатите реформи. На тој начин, заклучи претседателот, ќе создадеме општество со европски вредности.