Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на 75 сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, преку видеопорака се обрати на состанокот на високо ниво „SDG Moment 2020“, на кој беше разгледан напредокот на реализацијата на Целите за одржлив развој на Обединетите нации на глобално и на регионално ниво, во контекст на пандемијата на ковид-19.

Настаните во рамки на годинешната 75 сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, поради пандемијата на ковид-19, се одржуваат виртуелно.
– Чест е да се биде дел од оваа дебата, која се случува во мошне значајно, но сепак неизвесно време. Пандемијата предизвикана од ковид-19 има сериозно влијание не само врз економијата, туку ги промени и нашите животи и навики до непрепознатливост. Во денешно време потребата да се фокусираме на одржлив развој е уште поитна, а оваа сложена задача бара координирани реформи и темелна промена на начинот на кој ги дизајнираме нашите општества.

Во 2015 година се обврзавме „да не оставиме никој зад нас“ и се согласивме да ја спроведеме Агендата 2030, усвоена од земјите членки на ООН. Нашиот фокус е подобар живот за сите граѓани, а нашите национални напори за одржлив развој се исто така усогласени со нашата клучна надворешно-политичка цел – членство во Европската Унија.

Проценката за брза интеграција на целите за одржлив развој спроведена во 2019 година покажа дека 83% од националните стратешки планови за развој се усогласени со целите за одржлив развој.

Приоритетни цели за 2019-2020 година за Северна Македонија се: да се стави крај на сиромаштијата; да се обезбеди инклузивно и правично, квалитетно образование; да се промовира инклузивен и одржлив економски раст и пристојни работни места за сите, да се преземат итни активности за борба против климатските промени, да се обезбеди пристап до правдата за сите и да се изградат ефикасни, отчетни и инклузивни институции на сите нивоа.

Климатските промени и натаму остануваат предизвик. На Самитот во Париз во декември 2015 година Владата се обврза да ги намали емисиите од фосилни горива за дури 36% до 2030 година во споредба со основното сценарио.

Презедовме мерки за производство на чиста, достапна и безбедна енергија, вклучително и зголемена употреба на сончева енергија. Аерозагадувањето останува предизвик за Северна Македонија и бара долгорочен, системски пристап, инвестирање во позелена економија за позелена животна средина.

Еднаквоста пред законот е приоритет за нас. Посветени сме да продолжиме со структурните реформи, да ги зајакнеме владеењето на правото и судскиот систем на кои ќе им веруваат мнозинството граѓани.

Во јули 2020 година го презентиравме првиот Доброволен национален преглед кој ги отсликува достигнувањата од Агендата 2030 и ги идентификува следните чекори за забрзување на спроведувањето на целите за одржлив развој во преостанатата Декада на акција. При изготвувањето на овој документ, соработувавме и сме благодарни за придонесот на агенциите на ООН во Северна Македонија, младинските организации, граѓанското општество, академските установи и стопанските комори.

Одржливиот развој не е само дополнителен план за светот. Агендата 2030 е обврска за нашите и идните генерации целосно да го искористат човечкиот потенцијал и да размислат за наследството што ќе го оставиме зад нас – порача Пендаровски.