Шефот на државата, Стево Пендаровски, е задоволен од работата на полицијата, гледа напредок, но смета дека реформите мора да продолжат.

Тој им го честиташе Денот на полицијата на сите припадници на МВР, посочувајќи им да продолжат чесно да ги извршуваат сите работни задачи, бидејќи работат во една од најважните институции во државата. Пендаровски, дополнително рече „очекувам да не се срамите да кажете каде работите“.

– Во вашата работа неколку работи се најважни. Првата е владеењето на правото. Второ професионалноста. Во оваа држава, законите важат подеднакво за сите, затоа полицијата мора неутрално да ги спроведува законите, без разлика на било која припадност на граѓаните. Полицијата мора да е деполитизирана и департизирана, токму тоа е предуслов за унапредување на полицијата. Пожртвуваноста на заштита на животите на граѓаните – рече Пендаровски во дел од говорот.

Тој кажа дека за безбедноста на Македонија допринесува НАТО, но и натаму остануваат безбедносните предизвици со кои се справуваат полициските службеници.

– Неспорно е дека МВР е далеку понапред во однос на состојбите од пред 5-10 години, кога институцијата беше партиски штаб. Мораме да вложуваме во полицијата. Безбедносните предизвици како што се сајбер нападите, хибридните закани, тероризмот, нема да исчезнат. Реформите мора да продолжат – додаде Пендаровски.