Претседателот Стево Пендаровски денеска во Небрегово ja посети Спомен-куќата на Блаже Конески и се обрати на завршниот настан на 6. Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.

Во рамки на настанот, претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе пред родната куќа на Блаже Конески и ги посети внатрешноста на спомен-куќата, обновената училишна училница и црквата во Небрегово.

На настанот се обратија и проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик и проф. д-р Људмил Спасов, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а беше рецитирана и поезија на Конески од страна на ученици од Небрегово и Прилеп.

„Во време кога сите наши потпорни точки се сериозно предизвикани, во време кога се соочуваме со страдање и смрт на глобално ниво, во време кога пандемијата не дистанцираше од другите, често и од самите себеси, нужно е да ја нагласиме важноста на вредносните котви кои ни даваат стабилност во нестабилново опкружување“, рече Пендаровски.

Додаде дека една од заедничките вредносни котви е она што зад себе како животно дело го остави Блаже Конески, филолог, лингвист, визионер.

„Тој опстојува како заштитник на нашата модерност – јазична, мисловна, книжевна, образовна и институционална. Тивок човек, кој со својата посветеност, одговорност, работливост и смиреност, треба да ни биде модел за нашето сегашно и идно дејствување во промоција на заедничката кауза“, подвлече претседателот на државата.

Токму затоа, дополни тој, личноста која е парадигма за нашата национална еманципација и прогресивност треба да ја чествуваме постојано, не само јубилејно.

„Многу е важно да се спротиставиме на културата на заборав, која, за жал, е голема закана во овие брзи времиња. Неопходно е да ги реартикулираме во нашата сегашност, белезите на оние кои се арматурата на нашиот национален и културен континуитет. Овој собир, посветен на Конески, токму тоа и го прави“, истакна Пендаровски.