Шефот на државата, Стево Пендаровски, е загрижен што службената белешка со назнака „строго доверливо“ од Агенцијата за национална безбедност, по која на бизнисменот Орце Камчев доби притвор, излегла во јавност.

За лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, не е ништо чудно што документот излегол од институциите. Пендаровски одби да ја коментира содржината, а пак, Мицкоски, рече дека од неа се гледа оти Заев се пресметува со бизнисменот Камчев и затоа му е одреден притвор. Претседателот на државата рече дека белешката не излегла од кај него, иако ја имал во неговиот кабинет.

– Службената белешка од АНБ не можам да ја коментирам содржински. Јасно е од кои причини – има постапка и додека не заврши со правосилна судска пресуда, како граѓанин и политичар не би смеел да коментирам бидејќи е мешање во судството. Инаку, јас сум еден од неколкутемина корисници во државното раководство кој ја доби таа белешка на времето и можам да ви кажам дека примерокот што е објавен, по интерната истрага, не е излезена од мојот кабинет, ниту од службите под моја директна надлежност. Тоа ми е драго, но не ми е драго што такви висококласифицирани документи, независно од нивната содржина, излегуваат во јавност. Истрагата треба да покаже како е можно при прилично лимитиран број државни субјекти во сферата на судството и државното раководство, како е воопшто излезен тој документ. Ние сме една година членови на НАТО, многу ни е важно тие информации да ги читаат само оние за кои се наменети – рече Пендаровски.

Мицкоски за службената белешка рече дека ако вака ни излегуваат документи од АНБ, тогаш многу бргу ќе го изгубиме државниот суверенитет.

– Не е првпат политички неистомисленици на Зоран Заев со половина лист хартија напишан на рака да бидат ставани во притвор или затвор. Затоа не ме чуди ова што излезе. Очекувам сѐ додека Зоран Заев е таму каде што е, секој неистомисленик што не потврдува со главата, не коленичи, не моли, како многумина, како што е последниот случај, еве овој бизнисмен. Тоа што излегуваат документи од државните институции, за тоа треба да се позанимаваат државните институции и луѓето што ги раководат тие институции. Треба кон некои од нив да има некакви консеквенции бидејќи ако вака ни излегуваат документи од АНБ или други витални институции, тогаш ние многу бргу ќе го изгубиме суверенитетот врз државата – посочи Мицкоски.

Медиумите деновиве објавија дека Агенцијата за национална безбедност и Обвинителството за гонење организиран криминал веќе истражуваат како доверливиот документ заврши на социјалните мрежи. АНБ кажа дека ќе излезе со соопштение, а Обвинителството од почеток посочи дека документот не е излезен од кај нив. Тајниот документ го има и во Кривичниот суд, од каде што не одговараат на прашањето дали е можно од кај нив да е излезен документот во јавноста и дали е автентичен со оригиналот.