Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Доника Грвала-Шварц, заменик-премиер и министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово.

На средбата, како што информираат од неговиот кабинет, било изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете држави, кои се пријателски, динамични, засновани на меѓусебно почитување. Притоа соговорниците го реафирмирале интересот за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската, давајќи ја и поддршката за агендата на активностите меѓу владите на двете држави во наредниот период.

Покрај ова, двајцата соговорници разговарале за актуелностите во регионот, соработката и евроинтеграциите, при што било констатирано дека унапредувањето на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Косово ќе придонесе за напредокот, стабилноста и за безбедноста на целиот регион.

Во овој контекст претседателот Пендаровски ја реафирмирал поддршката во однос на дијалогот помеѓу Косово и Србија истаккувајќи дека секој постигнат резултат треба да биде насочен кон јакнење на регионалната стабилност и безбедност.

На средбата биле разменети информации и мислења за ширењето на делта-сојот на вирусот, темпото на вакцинација на граѓаните, како и справувањето со последиците од пандемијата во двете земји.