Нашите војници покажаа дека се професионално обучени согласно највисоките НАТО стандарди, изјави претседателот Стево Пендаровски на свеченоста во касарната „Илинден“ во Скопје, по повод завршувањето на учеството на Армијата во мировната мисија во Авганистан 2002/2021.

– Оваа мировна мисија потврди дека нашите војници можат да служат успешно во рамките на било која мировна мисија, дека се обучени на највисоко професионално ниво и во согласност со највисоките стандарди на НАТО. Се разбира, оваа мисија немаше да биде можна без поддршката од нашите тогашни партнери, а сега сојузници – САД, Обединетото Кралство, Турција, Чешка, Грција, Норвешка и Германија – рече Пендаровски.

Тој ги пречека војниците и им посака добредојде.

– Најпрво сакам на нашите мировници да им кажам – добредојдовте дома. Сега и вие и вашите најблиски можете да воздивнете со големо олеснување бидејќи ни се вративте дома живи и здрави. Се вративте од мисија чиј што мандат воопшто не беше лесен. Не само што е предизвик, самиот по себе да се најдете во непозната средина, далеку од својот дом, уште поголем предизвик е да бидете во средина која веќе 20 години е нестабилна, а често пати и опасна. Затоа, вашето учество во оваа мировна операција е уште повредно, а придонесот не е само ваш, личен, туку и на вашите семејства кои ве поддржуваа – рече Пендаровски.

Тој кажа дека еден период Македонија била четврта според големината на придонесот во однос на бројот на нејзиното население.

– А, бројката од повеќе од 3.300 припадници изнесува скоро половина од вкупната бројност на нашата армија. Самата бројка е многу позначајна ако се земе во предвид и нејзината структура која секогаш го одразуваше етничкиот состав на нашето население и дека нашите војници, заедно со нашите партнери, споделуваа исти вредности на слобода и демократија – рече Пендаровски.