Претседателот Стево Пендаровски попладнево во Вила Билјана во Охрид го прими началникот на Генералштабот на вооружените сили на Кралството Холандија, адмирал Роберт Бауер, кој престојува во официјална посета на земјава.

На средбата се разговараше за процесите на трансформација на Армијата на Република Македонија, учеството во меѓународни операции и вежби, како и нејзиниот придонес во справувањето со пандемијата предизвикана од корона вирусот и со мигрантската криза.

Соговорниците разменија мислења за соработката меѓу Македонија и Холандија, при што констатираа дека членството во НАТО отвара нови можности за интензивирањето на воената и одбранбената соработка меѓу двете земји.

Претседателот Пендаровски истакна дека Македонија ќе продолжи да ги зајакнува односите со Холандија и во таа насока се заблагодари за долгогодишната отворена поддршка во помагање на македонското општество во реформите потребни за успешно заокружување на членството во НАТО и за преговорите за членство во ЕУ, се вели во соопштението.