Претседателот, Стево Пендаровски вчера, преку видео врска, се обрати на завршниот настан на овогодинешниот „Generation Unlimited – Младински Предизвик”, односно на презентацијата на решенијата на 5-те тимови финалисти.

Осврнувајќи се темата на иницијативата „Како може дигиталната технологија да влијае за поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот“, претседателот посочи дека младите не се доволно застапени во овој сегмент во нашата земја, односно дека најчесто се очекува иновативните решенија да доаѓаат од повозрасните граѓани.

– Ова е вистинскиот пат по кој треба да одиме, и кога ќе заврши кризава да не ги заборавиме дигиталните алатки коишто ни помагаат и допрва ќе ни помагаат на сите нам, на сите категории на лица, а посебно на лицата со попреченост. Треба да ги користиме сите алатки и уште повеќе на овие луѓе да им го олесниме пристапот до образованието, но и до сите други институции. На пример, пред да започне пандемијата, незамисливо беше наставата да се одвива онлајн – истакна Пендаровски.

Потенцирајќи дека секое понудено иновативно решение е многукратно повредно ако може практично да се примени и конкретно да им помогне на лицата со пречки во нивното секојдневие, претседателот рече дека младите коишто го прифатиле предизвикот Generation Unlimited и чии решенија имаат апликативна вредност, многу побргу фаќаат чекор во споредба со постарата генерација.

– Државните институции мораат да ги препознаваат побрзо и подобро, напорите на младата генерација во овој дел на креативни решенија. И да им даваат простор, да им даваат ресурси, да им помогнат конкретно да ги развијат нивните идеи до крај. Но треба и да се поврзат државните институции, приватниот сектор, граѓанските организации и да постои една синергија со една единствена цел – да обезбедиме услови за остварување на младите креативци, иноватори и за многу кратко време да видиме примена на нивните пронајдоци – заклучи Пендаровски.

„Generation Unlimited – Младинскиот предизвик“ ги повикува младите иноватори во целиот свет да дизајнираат решенија кои ќе го подобрат образованието, вработеноста и граѓанската вклученост.

Младинскиот предизвик, кој оваа година се одвива во 40 земји, е иницијатива која глобално остава силен впечаток и служи како пример за тоа што се може да постигнат младите.