Претседателот Стево Пендаровски е крајно зачуден што министерот Филипче свесно не го споменува фактот дека првичните контакти со најголемите фармацевтски компании, кон крајот на декември минатата година, се направени токму преку претседателскиот кабинет, вели во соопштение претседателот на државата.

– До денес претседателот Пендаровски е активно вклучен преку дипломатските канали во процесот за набавка на вакцините, што инаку е примарна надлежност токму на министерот за здравство – стои во реакцијата од претседателскиот кабинет.

Реакцијата од Пендаровски следува откако министерот за здравство попладнево обвини дека изостанала конкретна поддршка од претседателот на државата во процесот за набавка на вакцини.

– Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана – посочи Филипче.

Преписката помеѓу претседателот на државата и министерот за здравство започна откако попладнево Пендаровски изјави дека вакцинацијата на македонските граѓани во соседна Србија, во текот на викендов, била срам за нашата држава.

Ваквата изјава го изненади Филипче, па тој преку соопштение посочи дека чинот не е срам, туку солидарност во услови на криза.

– Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја – нагласи министерот.