Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на регионалната Конференција за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан на тема Справување со дезинформации, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.

Во обраќањето, Пендаровски порача дека константно треба да се работи на подигнување на нивото на медиумска писменост кај јавноста, за граѓаните да можат полесно да ги разликуваат вистината и фактите од манипулациите.
„На тој начин, ќе помогнеме во развивањето на институционален и личен имунитет кон опасниот вирус на дезинформациите и пропагандите“, истакна претседателот.

Тој се повика на многу истражувања на оваа тема кои, како што рече, покажуваат дека дезинформациите најчесто не се спонтани.

„Тие, имено, се производ на планиран пристап кон одредена тема. Намерата е системски да се манипулира јавноста со пласирање на погрешни информации, а, со крајна цел, да послужи на интересите на одредени политички или бизнис центри на моќ. На тој начин, интернетот, како алатка која секојдневно ја употребуваат милијарди луѓе, многу лесно може од платформа за информирање да стане платформа за дезинформирање“, нагласи Пендаровски, додавајќи дека многу држави во светот ги препознаваат и ги третираат дезинформациите како една од приоритетните закани за нивната национална безбедност.

Според претседателот, потребно е да се обезбедат подобри услови за професионално и независно работење во медиумите и справување со дезинформациите.

„Тоа подразбира и доследна имлементација на постојната регулатива и нејзино подобрување на линија на европските стандарди во оваа сфера. Исто така, потребно е да ги поддржиме саморегулаторните механизми во медиумската сфера, како и платформите за проверка на фактите“, порача Пендаровски.