Додека не се создадат услови за масовна имунизација на населението, граѓаните треба да продолжат со совесно и одговорно однесување и да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од вирусот, рече претседателот, Стево Пендаровски, на редовната седница на Главниот координативен кризен штаб на која беа разгледани најновите состојби во државата предизвикани од пандемијата и беа разменети информации и мислења за актуелните мерки за спречување и ширење на вирусот ковид-19.

Ресорните министри и претставниците на надлежните институции информираа за тековните активности, за преземените мерки и за ефектите од нивната имплементација.

Претседателот Пендаровски посочи дека сите надлежни институции треба да продолжат со максимална посветеност и координирано да ја следат епидемиолошката состојба и доколу има потреба да се разгледаат можностите за надополнување на мерките.