Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска ги посети припадниците на баталјонот за воено-медицинска поддршка, во рамки на Воено-медицинскиот центар.

По прогласување на пандемијата на коронавирус, персоналот на центарот активно се вклучи во поддршка на вработените во јавните здравствени установи. На барање на министерството за здравство во март, тим на Воено-медицинскиот центар ја постави маневарската болница пред платото на Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со цел да се зголемат капацитетите во случај на наплив на пациенти со Ковид-19.

Имајќи го предвид зголемениот број на болни од вирусот, од средината на минатиот месец, воено медицински персонал од центарот е ангажиран во Центарот за јавно здравје и во ГОБ „8 Септември“. Командатката на центарот, полковник Ирена Минева го информираше претседателот Пендаровски дека тимот којшто е ангажиран за потребите на ГОБ „8ми Септември“ е составен од искусни медицински техничари кои работеле во поранешната Воена болница. Тие веднаш биле распоредени на одделот за интензивна нега и во шок соба, каде се сместени најтешко болните пациенти со ковид-19.

Инаку, за работата на центарот, неговата мисија и идните планови претседателот Пендаровски го информираше командантката на центарот, полковник Ирена Минева.

Во својата презентација полковник Минева истакна дека во моментов се соочуваат со недостиг на доктори по општа медицина, коишто се одговорни за примарната здравствена заштита на здравјето на гарнизоните. Воено-медицинскиот центар, како што посочи потполковник Минева учествува во целосниот здравствен систем во земјата, има договор со Фондот за здравствено осигурување и преку системот „Мој термин“ пружа здравствени услуги на сите граѓани.