Денешниов свечен ден е прекраток, за да ги опише, барем, главните настани од илјадагодишната историја на манастирот „Свети Јован Бигорски“, рече македонскиот претседател Стево Пендаровски во обраќањето по повод 1000-годишнината од основањето на ова светилиште.

– Кога, за момент, на овие илјада години би гледале како на еден ден, тогаш би можеле да го видиме првиот Охридски архиепископ Јован Дебранин како го основа и осветува манастирот. Би биле сведоци на генерации верници, монаси и мирјани, како ја надградуваат и оддржуваат жива, бигорската обител. Би ги виделе македонските неимари како од варовник ги ѕидаат овие прекрасни градби, легендарните Мијаци – копаничари како трпеливо го резбаат бигорскиот иконостас, прочуените зографи како ги сликаат познатите фрески и икони. Би биле сведоци на илјада празнувања на Христовото раѓање и воскресение. Би виделе како манастирот прераснува во извор на духовноста, писменоста, и преродбата, каде што дејствувале луѓе кои несомнено биле далеку пред своето време – Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Анатолиј и Партениј Зографски и браќата Миладиновци – истакна претседателот Пендаровски.

Како што рече, манастирот бил сведок и на големи премрежија и несреќи.

– Низ вековите, Бигорскиот манастир преживеал прогони, пожари и војни, но и надживеал империи, држави и идеологии. На моменти бил и затворан, но, никогаш, никогаш не бил заборавен и избришан од меморијата на луѓето. По секоја несреќа, монасите, заедно со народот, го обновувале ова светилиште, достигнувајќи нови духовни и уметнички височини – посочи Пендаровски.

Како што рече тој, со целата таа историја и премрежја неминовно се наметнува прашањето: како овој храм на спокојот и на убавината, успеал да ги преброди сите овие бури?

– Овој илјадагодишен подвиг се должи на две нешта. Прво, Бигорскиот Манастир не е само материјална, туку и духовна градба соѕидана не само од бигорскиот варовник, туку и од постојаните молитви на генерации на луѓе од верата. Второ, познато е дека оние кои тука поминуваат дел од животот имаат поразлично сфаќање за времето кое за нив е еднакво на вечноста. За нив, секој еден ден поминат во самооткажување вреди колку илјада години. Луѓето кои искрено веруваат, полесно го раздвојуваат тривијалното од суштинското, минливото од трајното. Со таквиот свој спокоен став кон животот тие не се натпреваруваат за успех, за материјални богатства или за моќ над другите. Се чини во тоа е тајната на вековното опстојување на овој манастир чии што темели се длабоко поставени во срцата и душите на македонскиот народ – рече претседателот.

Пендаровски нагласии дека денешниот јубилеј нѐ поттикнува да размислуваме колку мудро ги користиме деновите во нашите животи и во што ги вложуваме годините.

– Дали само во потрага по материјални вредности или и за покажување добрина и солидарност кон најблиските и кон сите оние на кои животот им станал претежок? Дали и колку секој од нас придонесува за најважната кауза, за изградбата на општество на рамноправни и доблесни во кое ќе се почитува вроденото достоинство на секој човек?
Затоа е нужно, денес, на почетокот на второто илјадалетие на Бигорскиот манастир, да размислуваме, како некоја следна генерација наши потомци ќе ги цени делата на нашата генерација. Се надевам дека ако останеме со силна верба и меѓусебна почит, и по илјада години ќе имаме добрини и вредности кои ќе останат зад нас, за кои ќе се прикажува – кажа претседателот во својот говор.