Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Алекса Бечиќ, претседател на Собранието на Црна Гора.

На средбата беше изразено задоволство од развојот на севкупните билатерални односи засновани на традиционално пријателство, почит и разбирање и беше реафирмирана цврстата определба на двете држави за зајакнување и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската сфера во која постои голем потенцијал.

Двајцата соговорници нагласија дека двете држави споделуваат идентични надворешно-политички цели и визии, а со сојузништвото во НАТО Алијансата значително придонесуваат во обезбедувањето на траен мир, стабилност и просперитет на целиот регион.
Истакнувајќи ја потребата од натамошно интензивирање на меѓупарламентарната соработка, претседателот Пендаровски потенцираше дека Северна Македонија високо ја цени можноста за размена на искуства со Црна Гора во насока на остварување на заедничката стратешка определба, членството во Европската Унија.

Во тој контекст, осврнувајќи се на претстојниот Совет за општи работи на Европската Унија, претседателот Пендаровски ја нагласи важноста интеграцијата на земјите од Западен Балкан да биде третирана како една од клучните стратешки и геополитички приоритети во рамки на Унијата, како дополнителен поттик за реформските процеси во нашите држави.