Изминатиот месец сме сведоци на огромна криминална афера која ги тресе темелите на важните државните институции и ја доведува во прашање уште повеќе довербата на граѓаните во нас, политичарите и во сопствената држава, кажа претседателот Стево Пендаровски на денешната прес-конференција по повод аферата „Рекет“, одржана во Вила Водно.

– Уште на почетоците од аферата „Рекет“ кажав дека сум разочаран. Наместо тоа надлежните отидоа на годишен одмор. Револтот е огромен и јас сум разочаран што се изневерени и моите очекувања, и тоа од луѓето од кои се очекуваше да се борат за правдата. Свесен сум за мојата одговорност и барам од надлежните институции ефективно брзо и темелно да ја завршат истрагата – вели Пендаровски.

Претседателот инсистира на кривична, но и на политичка одговорност од оние вмешани во аферата.

– Доколку има докази, треба да се поднесат обвиненија против сите, без разлика на нивната функција. Освен кривичната, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, без разлика на функцијата. Сите споменати имиња треба доброволно да дадат исказ. Длабоко верувам дека ние, политичарите, сме со поголема одговорност, затоа нашите дејствија се следат со поголемо внимание – објаснува претседателот.

Пендаровски истакна дека ќе ги употреби сите овластувања за да ја заштити националната безбедност.

– Ќе ги употребам сите законски овластувања за да ја заштитам националната безбедност од обидите за нејзино нарушување. Тешката ситуација ги става на тест надлежните институции и сите нас. Ако надлежните го решат случајот ќе докажеме дека системот функционира и ќе ја вратиме довербата на граѓаните, која во спротивно може да биде нарушена. Извесно е дека во случајот се вмешани луѓе од разни профили. Се слушаат гласови од бизнисмени, обвинителка и јавни личности. Одговорност и казни мора да има. Никој не смее да биде над законите. Ничија партиска припадност не смее да биде над правото – категоричен е Пендаровски.

Тој посочи дека Специјалното јавно обвинителство треба да продолжи да го истражува криминалот, односно дека неговата досегашна работа не смее да биде доведена во прашање, дури иако се докаже дека некои обвинители работеле против законот.

– Како што и јас верував во СЈО, денеска длабоко верувам дека е потребна институција што ќе се бори против криминалот. СЈО даде огромен придонес досега. Сите истраги и докази не можат да бидат прогласени за невалидни, дури иако се докаже дека некои обвинители работеле против законот. СЈО треба да продолжи да ги истражува криминалите на претходната, сегашната, но и на било која власт. Нема правна држава ако државата ги гони само криминалците од редовите на претходната власт, а не и од своите редови – порачува претседателот.