Еве еден од поновите случаи кој е апсурд од човечки, правен, политички и од кривично-правен аспект е случајот познат како „Кичеец“. Во ниту еден светски медиум, никаде во светот, на ниту еден континент, не сум прочитал да има ваков настан, дека човек кој е во затвор направил сообраќајка, кажа претседателот Стево Пендаровски во синоќешното интервју за „360 степени“, осврнувајќи се на низа трагични и кривично-правни настани, за кои истакна дека се напластуваат и создаваат недоверба кај граѓаните.

– Навистина не можам да разберам, и како правник меѓудругото, за тоа како човек кој е во затвор и во тој момент треба да служи затворска казна, вие му давате мерка притвор. Значи, човек кој е во затвор добива мерка притвор. Не, тој треба да се врати во затвор. Притворот е мерка која треба да го обезбеди лицето, но тој е во затвор и не може да му се даде притвор – смета претседателот.

Тој се осврна и на спроведувањето на пописот, истакнувајќи дека е неприфатливо статистичката операција да не се одвива поради технички проблеми.

– Ако треба ќе се направат измени во законот и ќе се додадат уште пет дена за попишување, но не можам да прифатам варијанта дека нема да се попишеме поради некакви технички проблеми и одбивам да се согласам со таква варијанта – нагласи претседателот.

Пендаровски откри дека во октомври ќе оди во официјална посета на Грција, првата за еден македонски претседател кај јужниот сосед. А зборуваше и за отворените прашања со Бугарија, напоменувајќи дека отстуството на влада во Бугарија не е единствениот проблем за надминување на спорот со Македонија.

– Прво не знаеме кој ќе биде во новата влада. Самиот чин на правење политичка влада нема да гарантира дека ќе го решиме проблемот за 24 часа. Не знаеме кој ќе влезе. Од овие што се претенденти, дури и новите партии кои се појавија последниве месеци може да бидат дел, дури и да предводат за влада, а нивните ставови се непроменети во однос на таа декларација изгласана во бугарскиот парламент за позициите на нивната поранешна влада – заклучи Пендаровски.