Маж на возраст од 42 години е спасен од сигурна смрт, откако на Клиниката за кардиологија му било извршено стентирање на трауматска трансекција на торакална аорта, повреда која носи ризик од масивно крварење без можност за прекин. Ваква интервенција е за првпат самостојно изведена на Клиниката, од страна на тимот кардиолози, заедно со хирург и анестезиолог.

– Смртноста од ваква повреда е скоро 100 проценти. Итно беше организиран тим од двајца интервентни кардиолози, а тоа се Жан Зимбаков и Оливер Бушљетиќ, потоа васкуларниот хирург Мишел Андов и анестезиологот Стефанија Ханџиска. Кај пациентот, со целосна анестезија, беше направена хируршка препарација на артерија на ногата, со што се отвора место во артеријата за да се внесе посебен вид на стент обложен со материјал. Сложеноста на оваа процедура е позиционирањето на стентот. Тој треба да го покрие раскинувањето на зидот на аортата, кое беше на самиот отвор на артеријата за раката, но притоа стентот да не го прекине протокот на крвта за раката и главата – велат од Клиниката за кардиологија и додаваат дека интервенцијата била изведена успешно.

Директорот Зимбаков, вели дека со големиот број на интервенции и опременоста, Клиниката за кардиологија е водечки центар во земјава и на ниво со европските центри.

– Стентирањето на аортата, успешно го изведуваме при ппроширувања на дел од градната и стомачна аорта. Тоа ни овозможи да ја примениме оваа техника и кај вакви итни состојби, кои се со висока смртност. Овие процедури, заедно со „ТАВИ“ процедурите (не-хируршко поставување на аортна валвула), стентирањето на артериите на вратот и нозете, се дел од секојдневната работа на клиниката, со голема бројка на интервенци. Тоа е неопходно и основно, пред многу други работи, за да се постигне висок квалитет и успех кај овие процедури. Со високиот број на интервенции и целосната материјална опременост која ја имаме, нашиот центар е единствен и водечки во земјата, и на ниво на најголемите европски центри – изјави доктор Жан Зимбаков.