Македонските владици сега мора да останат доследни на својата историска одлука да се изборат за признавање на автокефалноста на нашата црква преку апелациската постапка што пред една година ја поведоа пред Вселенската патријаршија, согласни се верските аналитичари

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе продолжи да го разгледува барањето што Македонската православна црква-Охридска архиепископија минатата година го поднесе како апелациски предмет и со љубов ќе одлучува за него. Ова тој го посочи во последното негово интервју дадено за бугарската новинска агенција БГНЕС, во кое покажува дека противењето на Руската православна црква не го поколебала да ја продолжи намерата да биде главен медијатор во православието и да одлучува за решавање на отворените спорови кои постојат меѓу црквите.

Вселенскиот патријарх е дециден дека тој го има правото да потпишува томоси за автокефални цркви. Иако во интервјуто посочува дека секој од случаите е посебен, сепак тој ја презема одговорноста и за решавање на црковното прашање во Македонија.

– Одлучувањето по апелациското прибегнување (еклитон) е привилегија, но истовремено и голема меѓуцрковна одговорност, која ѝ беше дадена на Константинополската црква за време на Четвртиот вселенски собор во Халкидон во 451 година. Деветтиот и 17-от Канон од овој Вселенски собор предвидуваат дека ако некој епископ или клирик е осуден од својот митрополит или од помесен синод, а смета дека му е направена неправда, тој канонски може да поднесе молба до Константинополскиот престол, којшто има одговорност да ја преразгледа неговата молба и да донесе конечна одлука. Ова право на Вселенската патријаршија било спроведувано многу пати во нејзината историја во поглед на епископи од други патријаршии и на автокефални цркви – вели во интервјуто вселенскиот патријарх.
Верските аналитичари велат дека ова интервју на патријархот Вартоломеј дадено за бугарски медиум е исклучително важно, пред сѐ заради добивање симпатии од бугарската црковна јавност, но и заради мотивирањето на Бугарската црква да се одлепи од влијанието на Руската црква.

– Иако во интервјуто Вартоломеј малку зборува што ќе прави со МПЦ, сепак јасно и отворено кажува дека тој ја има таа одговорност. Тоа само потврдува дека тој не е исплашен од заканите на Руската црква и дека сега е и поодлучен да биде фактор кој ќе ги решава црковните проблеми во православниот свет. За МПЦ е особено важно што Вартоломеј почнува отворено и јавно да зборува дека ја презел одговорноста за решение, нешто што е сосема спротивно од интервјуто дадено за српска „Политика“ – додаваат верските аналитичари.

Инаку, минатата недела вселенскиот патријарх Вартоломеј се сретна со поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, во Атина, по што познавачите на состојбите прогнозираа дека токму од продлабочувањето на комуникацијата меѓу Вселенската патријаршија и Грчката црква ќе зависи и темпото со кое патријархот Вартоломеј би го водел процесот за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Посетата на патријархот Вартоломеј на Грција и најавата за возвратна посета на грчкиот архиепископ Јеронимос на Фанар внесуваат надеж за нови односи во блокот грчки цркви, што може да изроди зајакнување на позициите наспроти Руската црква.
Аналитичарите додаваат и дека македонските владици мора да останат доследни на својата историска одлука да се изборат за признавање на автокефалноста на нашата црква преку апелациската постапка што пред една година ја поведоа пред Вселенската патријаршија.

Српските медиуми, пак, пишуваат дека во тек се интензивни подготовки за стратегија за почеток на замрзнатиот дијалог меѓу МПЦ-ОА и СПЦ. Според нив, тамошната јавност се подготвува за тоа Српската црква да биде клучниот фактор во решавањето на проблемот за македонското црковно прашање.

Но засега сѐ уште нема ништо официјално од најавите на СПЦ. Во МПЦ-ОА, пак, чекаат прво да го добијат официјалното известување, за потоа да ја стават таа точка на разгледување на седница на Синодот.

[email protected]